СДСМ: Груевски, Ставрески и Миновски оставаат историски долг – 4,7 милијарди евра

by fokus

Историски највисокиот јавен долг во висина од 4,7 милијарди евра и непродуктивното задолжување е единственото наследство од десетгодишното владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, се вели во денешната реакција на СДСМ.

„Додека илјадници млади ја напуштаа земјата, а граѓаните преживуваа, Груевски, Ставревски и Миновски неконтролирано ја задолжуваа државата за да си ги задоволат сопствените желби и каприци. Наместо да спроведуваат издржани економски политики, тие десет години се занимаваа со задолжување и со криење на долгот кон домашните компании. Груевски и ВМРО-ДМНЕ ја донесоа економијата пред бездната, а со расипничкото задолжување ги заглавија идните генерации да ги враќаат долговите направени заради популизам“, се вели во соопштението од СДСМ.

Затоа после 10 години крчмење на буџетот, ВМРО-ДПМНЕ не смее повеќе да управува со парите на граѓаните, порачува СДСМ.

По промените, како што се додава во соопштението, новата влада предводена од СДСМ со буџетот ќе раководи транспарентно и одговорно, а криењето на јавниот долг ќе биде кривично дело.

„Ќе формираме независен фискален совет, совет кој ќе обезбеди транспарентност во фискалната политика и ќе биде составен од независни експерти кои што ќе се избираат во Собранието. Како најважна мерка против задолжувањето ќе биде ставањето крај на непродуктивното задолжување. Никогаш повеќе Македонија нема да се задолжува за градење споменици, галии и Панорамски тркала. Никогаш повеќе нема да се задолжува за да се финансираат скапи и неодржливи проекти“, велат од СДСМ.

Поврзани новости