СДСМ испрати реакција на интервјуто на Груевски за грчкиот весник „То Вима“. Во реакцијата се наведува:
-Преку интервју за грчкиот весник „То Вима“, Никола Груевски неуспешно се обиде да ја покрие паниката од соочувањето со граѓаните на слободни, фер и демократски избори. Зад „благите термини“ на Груевски се крие стравот од соочување со одговорноста за тоа што им украде на граѓаните 10 години од нивниот живот.
Да, Македонија не е иста како пред 10 години, состојбите се многу, многу полоши во секој поглед, економски, социјален, политички, демократски, правен. Економијата е на колена, граѓаните во Македонија се посиромашни, живеат со по 40 денари на ден. Македонија не е иста како пред 10 години. Се потрошија 630 милиони евра за споменици додека 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија.
Никола Груевски и фамилијата се богатеа на грбот на граѓаните, криминалот и корупцијата се сериозен проблем. Македонија не е иста како пред 10 години. Граѓаните се задолжени со рекордно највисок јавен долг од над 4,2 милијарди евра. Груевски и Ставрески ја доведоа државата во ситуација да мора да се задолжува за да се исплатата плати и пензии.
Не е исто како пред 10 години, 626.312 луѓе се иселија од државата, пред се млади, образовани граѓани, поради невработеност. Граѓаните се гушат во нечист воздух што е најголема причина за 1.350 смртни случаи годишно. Земјава е на прво место во Европа според смртност на новороденчињата, дури 14 на 1.000 живородени. Македонија не е иста како пред 10 години. Нема слобода, нема демократија, нема правда. Според Фридом хаус Македонија го загуби статусот на изборна демократија.