Небезбедни услови за живот, испукани ѕидови и подови, полни со лебарки, скршени прозорци, тоалети со испукани цевки, паднати и расипани тушеви, менза од којашто ужасната дијареа е секојдневие, ова е сликата од студентскиот дом „Стив Наумов“ според младината на СДСМ.
– Собите во коишто учат студентите се полни со влага. Од прозорците што не се искршени, дува од сите страни. На креветите едвај се спие. Стотици млади овде живеат во овие мизерни услови. Зошто има пари за Панорамско тркало, а нема за целосна реконструкција на студентскиот дом „Стив Наумов“? Зошто милионски споменици, фонтани, галии и палми се поголем приоритет од мизерниот студентски живот овде? Зошто, знаете само вие од власта. Ние велиме, еве, затоа, младите ја напуштаат Македонија. Илузии се развиената економија за којашто ни говори Иванов и супер условите за студирање што ги наведува студентскиот лидер Кирил Спироски. СДММ бара итна пренамена на парите за камен, кон животот на младите. За почеток, Иванов, Груевски, Спиро Ристовски, нека дојдат да поминат една ноќ во студенсткиот дом „Стив Наумов“ – изјави денеска Елвир Шавановиќ, член на социјалдемократаста младина.