Никола Груевски не собра храброст да се соочи со вистината дека нема услови за фер и демократски избори, реагира СДСМ по објавувањето на оценката дека нема услови за избори на 24 април и откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не се појави на лидерската средба.
-Оценката на Европската унија и САД дека во овој момент потребните услови за организирање на кредибилни избори на 24 април не се исполнети и констатацијата дека се уште не е постигнат договор за реформи на медиумите е директна потврда на она што граѓаните веќе го знаат. Не се создадени услови за фер избори на 24 април, се додека не се прочисти избирачкиот список и нема реформи во медиумите. Уште еднаш се покажа, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се единствените кои од самиот почеток го кочеа процесот на имплементација на договорот од Прижино, се вели во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека граѓаните сега со право очекуваат да се исполнат сите услови за фер и демократски избори преку навремено прочистување на избирачкиот список и преку навремена регулација на медиумите, а правото на слободни избори и демократски изразеното право на глас на секој граѓанин во Република Македонија мора да биде обезбедено и гарантирано.