СДСМ со соопштение до јавноста му порачаа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека ќе сноси одговорност за штетата предизвикана при изградба на автопатот Кичево-Охрид, кој според досегашните пресметки ќе чини за 100 милиони евра повеќе од предвиденото.
„Автопатот Кичево-Охрид е доказ за неспособното, криминално и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски кој очигледно не може да се помири со тоа што веќе не може да договара провизии за себе и своите соработници. Промашените траси, пропустите во градбата, провизиите за Груевски, го оштетија буџетот на државата за дополнителни стотици милиони евра пари на граѓаните што ќе се потрошат за санација на штетите предизвикани од неспособноста и коруптивноста на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека ги санираат настанатите штети.
„Владата предводена од СДСМ ги санира штетите на автопатот Кичево-Охрид и останатите автопатишта, вложува во инфраструктурата и во интерес на граѓаните, одговорно и посветено продолжува со изградбата на започнатите патни правци“, стои во соопштението на СДСМ.