Јавниот долг и понатаму продолжува да биде топ тема во државата. Од најголемата опозициска партија СДСМ тврдат дека кога се зборува за јавниот долг, најважното прашање не е кој го направил долгот, дали централната влада, некоја општина, јавно претпријатие, туку според нив најважно е дека, кога јавниот долг нема да може да се враќа, ќе настрадаат имотите на сите граѓани во Македонија.
– Што всушност направи власта вчера со измените на Законот за јавен долг? Замислете, семејство задолжено до презадолженост. Но, сопругот сака и понатаму да се задолжува, па бидејќи банката му бара да ја покаже состојбата на задолженост на семејството, тој јавно вели дека сопругата нема долгови. Дали тој може да ја сокрие задолженоста на семејството? И, кој сепак ќе ги враќа вкупните долгови? Каква иднина имаат децата во тоа семејство? Каде тие ќе бегаат од долговите? Во странство? Како и голем број млади во Македонија? Што и да направи оваа власт, колку измени да направи во Законот за јавен долг, нема да го смени фактот дека државата ја задолжија со 4.2 милијарди евра – тврдат од СДСМ.
Според нив, пратениците од власта во Собранието експресно ги изгласаа измени со коишто, од вкупниот долг на државата ги тргнаа долговите на јавните претпријатија основани од државата, долговите од општините и Град Скопје, долговите на трговските друштва во сопственост на државата и општинските власти.
– Го бришат и долгот на Народната банка на Македонија. Но, дури и да не ги земе предвид долговите на тие субјекти, власта со тоа нема да го избрише фактот дека само долгот на централната влада со којшто не задолжи нас граѓаните е 3.3 милијарди евра. За да прикаже помал јавен долг, наместо да ги намали неразумните трошења на раскош и луксуз, власта го намали бројот на субјекти чиишто долгови логично влегуваат во вкупниот јавен долг, што е долг и на секој граѓанин во Македонија. Со ова, само фиктивно е намален долгот. Со ова, власта си направи простор и за нови задолжувања и кредити, бидејќи е јасно дека буџетската каса е празна. Ние граѓаните сме тие кои ќе ги враќаат долговите на државата – се наведува понатаму во соопштението од СДСМ.
Тие бараат од Ставрески и Груевски да нѐ прават малверзации со законските измени, што на граѓаните не им значат ништо, туку да прекинат со задолжувањата.