По протестите пред МТВ и пред Владата, но и по собирот на ВМРО ДПМНЕ во Битола, СДСМ објави соопштение со кое му порачува на Груевски дека е готов. Во партиското соопштение се наведува:
„Готово е Никола Груевски!
Овој човек, по девет години масакр на правната држава, на економијата, на демократијата што ја претвори во режим, денеска излезе пред граѓаните да моли за нова шанса, за “новиот тест“ пред којшто се нашол. Ова е доказ за неговата безнадежност поради којашто тргна да ја врти Македонија. Стекнал искуство, вели. Како да некој се сомнева во тоа.
Слушнавме како вешто купувал парцели преку рајски канали, како ги цепкал за да ги сокрие, како мамел сопартијци да протестираат за да му ги штитат парите, како научил да користи динамит за да крева во воздух објекти на неистомисленици, како местел политички опоненти во затвор, како поставувал обвинители и судии за да ги штитат интересите на неговата фамилија, како манипулирал со човечки судбини. Прислушувал, следел, се навикнал сето нанесено зло сеирџиски да го гледа, уживал во овие одвратни сцени што ги менаџирал преку медиумите под негова контрола.
Точно е, бедемот е поставен, сценаријата на Никола Груевски и тесната група околу него се откриени. Го повикуваме Никола Груевски да не помисли да се обиде да калкулира за лични цели, каква што намера покажува. Дојде моментот на соочување со реалноста. Груевски повеќе не може да се надева на преодна оценка.“