Села избран за претседател на ДПА, како ќе се справи со Тачи?

by Фокус

Движењето за промени во ДПА го избра Зијадин Села за претседател на партијата на денешниот конгрес во Тетово. Иако Села е од Струга реши настанот да го организира во родното место на Мендух Тачи и таму каде што е седиштето на партијта.

Според Села нивниот конгрес е легитимен бидејќи е според статутот и правилата на партијата.

„Ќе се обратам до поранешниот претседател на ДПА, Тачи да ги врати печатите, а доколку тој не го стори тоа ќе поведеме судска постапка што според мене треба да ја добиеме бидејќи ние сме работеле според правилата во статутот. На крајот од краиштата ДПА не е поединечен човек, ниту Тачи, ниту Села, туку ДПА е поширокото членство“ – изјави Села.

Тој посочи дека доколку изгубат на суд околу сопственоста за името и симболите на ДПА согласно одлуката на денешниот конгрес, новоизбраното централно претседателство ќе отпочне процедура за регистрирање на нов политички субјект.

Села најави дека во следниот период ќе започнат и процес на окрупнување на опозицискиот албански политички фактор во Македонија, при што како што рече Села процесот ќе ги опфати не само политичките субјекти, туку сите граѓани што не се дел од извршната власт.

Актуелниот претседател на ДПА Мендух Тачи претходно изјави дека нема по судски пат да бара спречување на конгресот од приврзаниците на Села за тоа да не им биде оправдување и оти ќе ги остави луѓето и структурите кои излегле од ДПА да одат по свој пат.

Поврзани новости