Денес, многу граѓани се лекуваат и страдаат дома, бидејки немаат пари да платат болничко лекување во јавното здравство и затоа ќе има бесплатно болничко лекување за сите граѓани на Македонија, односно, ослободени од партиципација ќе бидат сите осигуреници во Фонд за здравство, информираат од СДСМ.
– Секој граѓанин кој ќе има потреба од лекување во болница, ќе може да се лекува без да се грижи дали ќе има пари да плати, а државата ќе ги покрие трошоците за неговото болничко лекување. Додека функционери од власта во заминување се лекуваат по приватни клиники во луксузни услови, луѓе умираат по ходниците на јавното здравство, бидејќи не можат да дојдат на ред за преглед – се наведува во партиското соопштение.
Од таму велат дека во уништеното здравство нема основни медицински материјали, нема квалитетни лекови, условите за престој се лоши, дури и за оние кои можат да си дозволат да ги платат скапите болнички партиципации.
– Бесплатното болкичкото лекување за сите е само една од мерките во Планот за живот со коишто ќе се грижиме за здравјето на граѓаните. Ќе овозможиме и квалитетно јавно здравство. Ќе ги мотивираме стручните лекари и медицинскиот персонал да останат да работат во јавното здравство, со тоа што ќе ги покачиме нивните плати.
Лековите мора да бидат лесно достпани. На позитивните листи ќе има најмалку по еден бесплатен лек од секоја генерика, а позитивната листа ќе ја прошируваме барем еднаш годишно – додаваат од СДСМ.