Набргу откако беше избран за нов лидер на СДСМ после катастрофалниот пораз на последните двојни избори, Венко Филипче во неколку наврати порачува дека СДСМ е консолидирана партија, иако се уште не ги екипирала новите партиски органи и не избрала ново раководство.
–Од парламентарните избори, па сѐ до мојот избор за претседател, СДСМ беше речиси неактивна. Ова создаваше впечаток во јавноста дека партијата се откажала или не може да се консолидира од поразот. За кратко време откако ја презедов функцијата, СДСМ почна опозициски силно да дејствува, следејќи го и критикувајќи го работењето на владата.
Благодарение на СДСМ, граѓаните дознаа за најголемиот дел од аферите и скандалите што ги имаше владата во овој краток период. СДСМ прва во јавноста алармираше и ги изнесе сите ризици од политиките на владата на Мицкоски од задолжувањата, преку ребалансот, па сѐ до погрешниот стратешки правец во кој се носи државата. Од тој аспект, СДСМ е функционална, и тоа граѓаните веќе го забележуваат.
Секако, ние имаме уште работа пред нас во партијата. Мојот принцип е отворено да говорам за проблемите. Поразот беше тежок, апатијата во членството голема, но тоа се надминува. Знаеме каде и што згрешивме. И следува еден сериозен паралелен процес да се спроведат и внатрешните процедури, кои верувам дека ќе бидат завршени до крајот на октомври и заедно со тоа да излеземе и со новата социјалдемократска доктрина, што веќе ја најавив.
Многумина сметаа и велеа дека СДСМ е и ќе остане во постизборна кома. Но, го покажавме спротивното. А како лекар, ако веќе се користи тој медицински израз, би ви кажал дека, еден од клучните фактори е внатрешниот порив. А во СДСМ тој порив го има – рече Филипче во неодамнешното интервју за неделникот „Фокус“.
Арно ама, додека тој уверува дека СДСМ се консолидира во овие неколку месеци по ударот што го претрпе на изборите, кога освои историски најнизок број на гласови, негови сопартијци јавно изразуваат негодување и критика кон развојот на настаните во партијата, како и кон последните неколку партиски лидери и други високи функционери.
Еден од нив е скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој воедно е и поранешен потпретседател на СДСМ, а беше дел од последниот Извршен одбор на партијата. Во последните неколку месеци, откако Филипче беше избран за нов партиски лидер на крајот на јуни, Шилегов во неколку наврати упатува „отровни стрели“ кон дел од сопартијците, што кулминираше деновиве.
„Дечкото од Серава, што мисли дека е „булдужер“ од Вардар… Допрва следи „римув“, напиша Шилегов на Фејсбук на почетокот на јули, откако бил отстранет од група за комуникација од лицето Миле. Тој очигледно мисли на поранешниот генерален секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, кој, како што е познато, настапува со атрибутот Вардарски, додека во една прилика изјави дека како булдожер ќе го прегазат секој оној кој ќе го попречи патот на иднината.
–Четири генерации го носеле атрибутот Вардарски и тоа е семејно наследство на кое што сум горд. Уште повеќе, што со гордост го носам и името по дедо ми – проф. д-р Миле Хаџивасилев – Вардарски. Оние што ме познаваат подобро знаат и за Вардарски. Сите ние носиме и личен печат, Вардарски е мојот континуитет – рече Зечевиќ во интервју за „Фокус“, одговарајќи на прашањето кога и како стана Вардарски?
Ако имаше одредени дилеми дека Шилегов алудира на Зечевиќ, тогаш тоа стана дефинитивно јасно по неговиот следен статус, кој гласи: „Годинава вардарскиот во Паљури го јава коњот… Без падобрани. Паднат од небо! Ех моја СДСМ“. За потсетување, Зечевиќ лани предводеше коњички марш на младите социјалдемократи по повод државниот празник Денот на републиката-2 Август.
И во последните фејсбук-статуси, Шилегов не го одмина Зечевиќ, но не застана на него, туку ги споменува и последните тројца партиски лидери, велејќи дека од 2019 година СДСМ е заробена партија, а оттогаш имало двајца октроирани лидери од „јужните краишта“. Во 2019 година, партиски лидер е Зоран Заев, додека по поразот на локалните избори во 2021 година него го наследи Димитар Ковачевски.
„Есен е тешко време. Се скратува денот. Краток е. Во темница ништо не е видливо! На пролет, во март, ќе расцветаат цветови. Јагленот нит е за за зајци, нит е за зечеви… Кај се најдовте, кај не запустивте! Ај да не се лажеме. СДСМ е заробена партија. Уште од 2019 година. Со двајца октроирани „лидери“ од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тоа се тезгароши. Од Милановац. Горњи или Долни. Март е пролет. Пролет е СДСМ…“, напиша Шилегов.
Бидејќи добил многу јавувања и пораки за статусите, тој се огласи уште еднаш, посочувајќи дека решил да не молчи, бидејќи така би станал соучесник во нешто за што мисли дека не е во ред. Се обидовме да стапиме во контакт со Шилегов за дополнителен коментар и објаснување, но тој беше недостапен. На тој начин, останува отворено прашањето дали неговите статуси се израз на револт или пак можеби навестуваат идно политичко организирање и делување?
Според неофицијални информации на „Фокус“, Шилегов и негови истомисленици сметаат дека пресвртен момент во негативна смисла за СДСМ е 2019 година, кога, според нив, тогашниот партиски лидер и премиер Заев го искористил неповолниот резултат на претседателските избори, за да ја спроведе т.н. операција „метла“, но не со цел кадровскo освежување, туку со цел да инсталира свои блиски луѓе на сите нивоа.
Две години подоцна, СДСМ претрпе убедлив пораз на локалните избори, по што Заев одлучи да се повлече, па за свој наследник го промовираше и фаворизираше Ковачевски. За разлика од тогаш, Заев отворено не застана зад изборот на актуелниот лидер Филипче, но многумина сметаат дека во позадина ја добил неговата поддршка, а еден од оние што тоа јавно го говореше е кандидатот за претседател Јован Деспотовски.
Токму начинот на избор на Ковачевски и Филипче, Шилегов и неговите истомисленици го сметаат за грешка покрај злоупотребената „метла“ и останатите пропусти. Во однос на дилемата дали тие ќе преземат одредени внатрепартиски активности за промени, нашите извори велат дека засега нема таква одлука, но има размислувања дали да се покрене иницијатива пред следните локални избори или пак да се почека овие избори да завршат.
Инаку, дознаваме дека по изборниот дебакл Шилегов бил меѓу оние што ја заговарале опцијата да не се брза со избор на нов партиски лидер, туку партијата во одреден период да ја води колективно претседателство. Сепак, на крајот победи другата опција, која сметаше дека час поскоро треба да се избере нов лидер, бидејќи во спротивно ќе се остави празен простор во кој секој би можел да солира.
Засега, Филипче не се произнел во однос на пораките на Шилегов, но се очекува тоа да го направи следната недела. Во меѓувреме, партиската портпаролка Богданка Кузеска рече дека СДСМ е најдемократска партија која го бира претседателот на непосредни избори, па легитимитетот на Филипче не можел да се оспорува. Воедно, таа рече дека остануваат „посветени на демократските принципи кои ги почитуваат различните ставови, но во рамките на цивилизиран дијалог“.