(АРХИВА) Интервју со Зечевиќ: Постои реална можност за уставни измени, да не изгубиме нови 10 години!

by Фокус

Текстот е објавен на 28 јуни 2023 година во неделникот Фокус со број 1.447.

Откако беше избран за генерален секретар на СДСМ пред повеќе од една година, Миле Зечевиќ се обраќал на партиски настани и трибини, но никогаш не настапил на медиум. Првото интервју како прв партиски оперативец го даде за неделникот „Фокус“ пред повеќе од еден месец, кога посочи сега дошол важен момент да се кажат отворено работите во овие, како што вели, клучни премрежија за македонската иднина. Според него, СДСМ може да застане рамо до рамо со ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да ги истуркаат уставните измени. Toj смета дека европска Македонија е единствената опција за сигурна македонска иднина, додека Европската Унија е најголемиот чувар на македонизмот. Во ексклузивното интервју, говори и за состојбите во СДСМ, изнесува мислење за ситуацијата во правосудството, а открива и што значи атрибутот со кој се претставува во последно време – Вардарски.

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: По лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски, СДСМ одлучи да формира работна група за продолжување на разговорите за уставни измени на чело со Вас. Но, ВМРО-ДПМНЕ одби да го направи тоа, а Мицкоски рече дека ја затвора темата околу уставни измени. Како очекувате да се развива овој процес?

ЗЕЧЕВИЌ: Македонската иднина не е прашање на поединци. Колективната свест и совест раѓа колективен напредок. Како што доликува на одговорни партии и одговорни политичари, очекувам да се постави државниот интерес на прво место, бидејќи ова се сериозни процеси од кои зависи иднината на земјата.

Членството во ЕУ е стратешка цел, детерминирана уште од прогласувањето независност на државата. Не е тоа случајно. Како ќе го третираме ова стратешко прашање, така ја третираме иднината на земјата.

Јас уште лани во моите обраќања пред јавноста повикував на национално обединување, на сите политички свесни фактори, за сите важни прашања за иднината на нашата татковина. А, полноправното членство во ЕУ е круцијално.

ФОКУС: Не е спорно дека ЕУ е стратешка цел, која декларативно и програмски ја застапуваат речиси сите релевантни политички фактори, но прашањето е како да се постигне таа цел и по која цена.

ЗЕЧЕВИЌ: СДСМ покажа државнички капацитет, подаде рака и дијалогот почна. Тоа е добро, но не е доволно. Не гледам причина зошто да не продолжиме. Можеме да застанеме рамо до рамо со ДПМНЕ, кога е иднината на земјата во прашање.

Народот сака да ги види најголемите партии заеднички да работат за доброто на земјата и убеден сум дека заедничка одлука за уставните измени, национално единство преточено во глас за Европа во македонското Собрание ќе биде широко поздравен чин.

ФОКУС: Колку целата работа ја отежнува тоа што големо мнозинство од етничките Македонци се против внесување на Бугарите во Преамбулата?

ЗЕЧЕВИЌ: Зар не е подобро еднаш засекогаш да го затвориме прашањето еден народ – две држави? Треба да се прашаме кој има интерес ова прашање да го држи отворено? Затоа што со внесувањето на Бугарите во Уставот се затвора таа тема засекогаш.

Морам тука да кажам дека, за жал, во раководството на ДПМНЕ како да се нема доволно сила да се профилира една државничка политика, која е во интерес на државата, на македонските национални интереси и на интересите на сите наши граѓани.

Искрено се надевам дека оваа гарнитура ќе го надмине овој момент на слабост и во најскоро време, за процесот ќе продолжи, за да можеме да ја исцртаме сигурната европска траекторија на државата.

ДПМНЕ ЛОВИ ВО МАТНО

ФОКУС: На лидерската средба имаше евидентно отстапување во позициите на двете страни, но проблем остана важењето на уставните измени, бидејќи ВМРО бара тие да важат по полноправното членство, а вие сметате дека преговарачката рамка налага тоа да се случи по втората меѓувладина конференција. Можно ли е да се премости и оваа разлика и како?

ЗЕЧЕВИЌ: Да, на лидерската средба се направи еден исчекор, дојдовме до одредено доближување, се преминаа едни граници кои цела година беа јавно маркирани, иако беа неразумни. Не би сакал да се навраќам наназад, да зборувам за насилните протести, за хистеријата со лажните вести за бугаризација и асимилација. Свесно преминавме јавно преку тоа.

Цврсто верувам дека доколку се седне на маса и се продолжи со разговорот, можни се и нови чекори за приближување. Доколку постои волја, ќе постои и заедничко решение. Иако имам впечаток дека опозицијата како да се двоуми, како да постои страв од продолжување на разговорите и од можен договор. Повеќе би сакал, наместо преку медиумите, директно да ги размениме аргументите на заедничка маса.

Тука, ако дозволите, би сакал мала корекција – не е прашањето дали ние сметаме дека преговарачката рамка налага уставните измени да се случат и да бидат на сила за одржување на втората меѓувладина конференција. Тоа е де факто така. Преговарачката рамка е усвоена од сите земји-членки на Унијата и таму јасно е наведено дека со уставните измени директно продолжуваат преговорите со втората меѓувладина конференција. Преговарачката рамка не може да се менува.

ФОКУС: Дали можеби требаше да се обидете да постигнете договор со опозицијата уште пред францускиот предлог, бидејќи од него произлегува услов кој сега еве ве упатува кон опозицијата?

ЗЕЧЕВИЌ: Ние и тогаш направивме обиди, но ДПМНЕ одбија. Аргументите треба на маса да се разменат. Клучно е дали поставувањето услови е реално изводливо или не. Бидејќи, знаете, секој може да поставува невозможни услови, кои би служеле само како алиби, доколку не сака искрено да влезе во одреден процес. Поставувањето невозможни услови не е здрава, ниту долгорочна политика.

Од друга страна, за поздравување е чекорот што го направи и опозицијата на лидерската средба, не само од аспект на прифаќање учество во широка влада, суштината е во признавањето на легитимитетот на Владата и Собранието во носењето на одлуките, нешто што ДПМНЕ го спореше во минатото. И, најважно можеби, што повеќе немаат против уставните измени.

ФОКУС: Нели сметате дека со пренагласувањето дека ВМРО, сепак, прифатило уставни измени, ја туркате партијата повторно да се закопа во стариот ригиден став против уставни измени сега и под овие услови?

ЗЕЧЕВИЌ: Ние како СДСМ во овој процес тргнавме чесно, отворено имавме јасно дефинирана позиција и непроменет конзистентен став од почетокот. Разочарувачки е обидот на ДПМНЕ да лови во матно за ситни дневни политички поени, и тоа најмногу за внатрешна употреба, на тема која е од исклучително, егзистенцијално значење за државата.

Затоа, уште еднаш ја охрабрувам ДПМНЕ, да продолжиме понатаму и да најдеме заеднички јазик. Можеме да успееме и заедно да се гордееме на новиот заеднички национален и државен успех – членството во ЕУ.

НЕ ПРЕГОВАРАМЕ „ПОД МАСА“

ФОКУС: Дали во таа насока периодов се водат преговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во врска со процесот на уставните измени?

ЗЕЧЕВИЌ Контакти има на повеќе нивоа, но по лидерската средба, разговори за деталите и за оперативните чекори околу уставните измени – нема. Јас лично контактирам со мои колеги во опозициската ДПМНЕ, многу претставници на СДСМ исто така контактираат. Мислам дека нема потреба јавно да се бега од тоа, ниту, пак, од разговор, од контакти.

Напротив. Подадената рака на СДСМ е искрена и има една цел – доброто на земјата. По лидерската средба, СДСМ формираше работна група, тоа јавно го соопштивме, ги охрабруваме секојдневно ДПМНЕ да се приклучат.

ФОКУС: Од опозицијата постојано се жалат дека нема комуникација како што имало порано.

ЗЕЧЕВИЌ: Постојат редовни контакти со колеги од ДПМНЕ на различни теми, дали се тие поврзани со работата на Собранието, со одредени законски решенија, усогласувања, постои дијалог преку работни групи за измените на изборниот законик и така натаму.

Сега јавно се поставува прашањето, а за најважната тема, членство во ЕУ, зошто да не се седне на маса и да се продолжи дијалогот? Ние ги информиравме нашите тела како се одвиваат разговорите и добивме овластување да продолжиме со преговорите. Сѐ што правиме е на транспарентен начин. И сѐ што работиме е врз основа на нашите принципи и ставови, кои се конзистентни низ целиот процес.

ФОКУС: Дали всушност преговарате „под маса“ за еден вака клучен процес?

ЗЕЧЕВИЌ: Под маса преговори за виталните интереси на државата – СДСМ не води. Ние сме сериозни, понудата на маса е сериозна, иднината на земјата е прашање. Не сакам да верувам дека од другата страна имаме луѓе што не гледаат подалеку од портите на партиската палата и кои партискиот интерес го ставаат пред националниот и државен интерес. Времето ќе покаже кој од што е направен и кој за што се борел.

Едноставно е – не можете во целата современа македонска независна историја да не бидете присутен кога се носат клучните одлуки. Во сите клучни мигови, СДСМ ги носи тешките одлуки. Дајте сега, сите, ама баш сите заедно, конечно да ја испишеме новата страница, новото европско поглавје на македонската епопеја, на македонската државност!

НЕМА ОЛЕСНУВАЧИ ОДНАДВОР

ФОКУС: Дали меѓународната заедница е вклучена во процесот и има олеснувачка и посредничка улога?

ЗЕЧЕВИЌ: Ако нешто ме вади од такт во перципирањето на водењето на политиката и политичките приоритети во Македонија е некој од надвор да ни го бере гајлето повеќе од нас самите! Нема олеснувачи и посредници меѓу СДСМ и ДПМНЕ.

Сите ние, како македонски политичари, како претставници на народот, на партиите, не смееме да дозволиме од надвор некој да дојде и да нè седнува на маса за доброто на нашата земја, на нашиот народ. Наша е одговорноста, треба да ја земеме во свои раце и така да се однесуваме.

ФОКУС: Сепак, факт е дека со посредство на меѓународната заедница сме воспоставиле политички дијалог по кој сме излегле од големи кризи. Без „мешање“ однадвор, немаше да биде склучен ниту Рамковниот договор, ниту Пржинскиот договор…

ЗЕЧЕВИЌ: Вклученоста на меѓународната заедница е на поинакво политичко ниво. Во изминатиот период видовме дека државничките политики на СДСМ меѓународно ја етаблираа земјата и ја зајакнаа нејзината меѓународната позиција.

Тоа резултираше со силна, јасна и недвосмислена поддршка за Македонија, за нејзината европска иднина, од најсилните светски и европски држави, од САД, Германија, Франција и многу други. Ваква силна меѓународна поддршка досега сме немале.

Свесен сум дека стратешките геополитички односи имаа одредено влијание и сега е моментот да се искористи оваа, би рекол историска шанса. Од нас зависи, дали оваа шанса ќе ја зграпчиме или ќе ја пропуштиме. Ако ние дома не знаеме да одработиме за иднината на сопствената татковина, залудна ќе биде поддршката на светските сили кои ни се наклонети.

Јас сум од тие што посветено веруваат во уште една историска македонска победа со сопствени сили и со искрена поддршка од нашите меѓународни пријатели.

ФОКУС: Кога сè ќе се собере и одземе, каков епилог очекувате? Дали верувате дека е реално да се изгласаат уставни избори пред следните избори, кога и да се случат?

ЗЕЧЕВИЌ: Јас очекувам дека ќе се разбуди свеста и чувството за политичка одговорност. И ќе надвладее чувството за државен однос, за тие промени да ги затвориме пред изборите.

СДСМ и лично јас како човек, пред сѐ, а потоа и како политичар, ќе направиме сè Македонија да продолжи по европскиот пат, да бидат спроведени реформите, да ја оствариме стратешката цел за членство во ЕУ. Затоа што веруваме дека тоа значи спас за нашата земја, забрзан економски раст, повисок животен стандард, затворање на сите идентитетски прашања и сигурна, обезбедена иднина за младите.

Постои реална можност уставните измени да се случат. Одговорноста е кај сите политички субјекти и кај сите 120 пратеници. Сите што ѝ мислат добро на државата, на народот, кои се согласуваат дека европска Македонија е единствената опцијата за сигурна македонска иднина. Сакал некој да разбере или не, Европската Унија е најголемиот чувар на македонизмот.

ФОКУС: Што доколку не се случи тоа? Какви ќе бидат последиците?

ЗЕЧЕВИЌ: Се плашам дека ќе изгубиме нови десет години, луксуз кој сметам дека не можеме да си го дозволиме и ЕУ нема да биде привилегија за нашата генерација.

Би посочил една работа што треба да ја имаат предвид, не само оние што се занимаваат со политика, туку и оние што го следат и го креираат јавното мислење.

Во процесот на осамостојување на Македонија, за разлика од другите држави од поранешна СФР Југославија, ние водевме две жестоки борби – како прво, преживеавме една сериозна општествена турбуленција и трансформација на сите нивоа.

Вториот аспект е борбата за националниот идентитет. Затоа што нашиот национален, македонски идентитет не беше доведуван во прашање во таа држава. Ние, како Македонци, бевме горди носители на нашиот идентитет. И бевме комотни со тоа.

Меѓутоа, сведоци сме што се случи веднаш по осамостојувањето. На сопствена кожа и во тогашниот актуелен општествено-политички миг ги почувствувавме духовите од минатото кога ни се проблематизираа идентитетските столбови.

Значи, од трансформација на духот на заемна почит на, како што тогаш се говореше народите и народностите, дојдовме во ситуација  да ни го проблематизираат идентитетот, името, црквата, територијата…

Тежок беше овој од низ годините на независност: се боревме со транзицијата, со состојба на вооружен конфликт, на раб на граѓанска војна, со соседските негаторски политики, со внатрешните демони, со што уште не.

И мора да признаам, многу е тешко кога си во битка за идентитет, а тоа да е на товар на стандардот, на просперитетот, на иднината на граѓаните… Но, тоа е нашата битка. Тоа е битката што секоја генерација е задолжена да ја води за татковината. И таа битка мора ја добиеме!

ДРЖАВНИТЕ ПРЕД ЛИЧНИТЕ ИНТЕРЕСИ

ФОКУС: Дали е можно повторување на сценариото со Преспанскиот договор, кој го поддржаа пратеници на ВМРО-ДПМНЕ наспроти насоките од партијата? Главно од ДУИ, но и од СДСМ постојано се најавува дека има проевропски пратеници од опозицијата што сакаат да поддржат уставни измени, па дали ваквите тврдења се издржани или, пак, повеќе претставуваат провокација и форма на притисок кон противникот? Бидејќи, нели, сите пратеници на ВМРО потпишаа нотарски изјави…

ЗЕЧЕВИЌ: Нотарските изјави во ваква форма не предизвикуваат правно дејство, ама затоа говорат за начинот како некој ја перцепира политиката. Она што го знам и можам слободно да го кажам е дека во ДПМНЕ се апсолутно свесни дека во нивните редови има луѓе што сметаат дека европската иднина на Македонија е приоритет и дека таа е пред нечии лични интереси.

ФОКУС: Дали сте имале директни разговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на кои тие изнеле подготвеност да гласаат за уставните измени?

ЗЕЧЕВИЌ: Ова е долг и комплициран процес, можам да ви кажам дека има силни индивидуалци, кои се подготвени да ги стават државните пред личните интереси.

ФОКУС: Често велите дека Мицкоски пред странските амбасадори говори дека е спремен да издејствува уставни измени кога ќе дојде на власт. Од каде ви се ваквите информации?

ЗЕЧЕВИЌ: Јасно ви е дека не постојат тајни и дека во процесот се вклучени повеќе страни, не е вклучена само една партија, не се вклучени само грст политичари. Ова е сериозен процес, кој бара сериозност и одговорност. Постојаното менување ставови значи немање став. Мицкоски сега треба да докаже дали може да му се верува или не, како што мислат многумина.

ФОКУС: Дали равенката на решението – ВМРО да поддржи уставни измени со договор за транзиција на власта?

ЗЕЧЕВИЌ: Не треба да има дилеми дека решение е можно, тоа го говорев претходно. Дел од нашата понуда ставена на маса е да ги завршиме уставните измени, да го отвориме патот на Македонија во ЕУ и да одиме на избори. Тоа не значи транзиција, тоа значи обезбедување европска иднина, како врвна цел, и веднаш давање можност граѓаните да го кажат својот збор.

ИЗБОРИТЕ СЕ ГЛАВНА АНКЕТА

ФОКУС: Дали останувате на ставот прво да има претседателски, па парламентарни избори, иако законските рокови предвидуваат расчекор од само 2 месеца? Нели е пологично и од финансиски и од практични причини да се спојат изборите во еден термин?

ЗЕЧЕВИЌ: Јасно се издвоени изборите едни од други и има зошто се така одвоени. Не гледам причина зошто да ги спојуваме. Зошто волјата на граѓаните да ја калкулираме со продолжување или скратување мандати? Едноставно е, ајде да го почитуваме Уставот и Законите, без притоа да правиме политички толкувања.

ФОКУС: Дали вашата стратегија за одвоени избори се базира на фактот што произлегува од јавно објавените анкети, кои покажуваат дека СДСМ има понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ? Дали вашата цел е со помош на поголемиот коалициски потенцијал да се обидете да победите на претседателските избори и на тој начин да ја свртите ситуацијата на парламентарните избори потоа?

ЗЕЧЕВИЌ: Нема некоја посебна тајна. Секако дека секоја партија си гради своја стратегија. Ние постојано работиме на внатрешниот капацитет, но и на надворешниот – коалицискиот капацитет. Ние сме искрени со нашите коалициски партнери и тој надворешен коалициски капацитет не ни е подарок, не ни е паднат од небо, ние го градиме континуирано, посветено и чесно.

ФОКУС: Што говорат вашите анкети што ги правите за внатрепартиски потреби? Какви се трендовите?

ЗЕЧЕВИЌ: Ги следиме рејтинзите, секако, ги имаме предвид и околностите, период на посткризи, Ковид и енергетска криза, донесените тешки одлуки и слично. Но, на крајот изборите се главната анкета. Многу фактори денеска имаат едно влијание, но ако се во интерес на државата, потоа имаат позитивно влијание. Не е ова бајка во која сакам некој да верува, ова е реалност.

На пример, анкети со големи предности на ДПМНЕ гледавме и порано, и пред локалните избори во Маврово Ростуше, или на пример во 2020 година. Најтешките и државотворни одлуки во целиот овој период ги носи СДСМ и тоа на сите им е јасно. Но, тоа е затоа што ние не калкулираме со иднината на Македонија и убеден сум дека таквиот пристап граѓаните го ценат и соодветно ќе го вреднуваат кога ќе дојде време за тоа!

ФОКУС: Дали почнати се одредени внатрепартиски дискусии и консултации околу кандидатот со кој ќе настапите на претседателските избори?

ЗЕЧЕВИЌ: Претседателската функција е врвот на државната пирамида. Таа фигура треба да е со исклучителна морално-политичка вертикала во себе, со визија и одважност да ги претставува вредностите на македонската Република. СДСМ ќе го избере најдобриот, победничкиот кандидат за претседателските избори, преку соодветна процедура.  Секако дека ќе следуваат и консултации со нашите коалициски партнери.

Уште од сега можам да најавам дека две работи се сигурни: прво, кандидатот на СДСМ ќе биде следниот претседател на државата; и второ, Македонија ќе има мирно море уште пет години, цврсто држејќи го кормилото на напредокот и државниот успех.

НИЕ НЕ СМЕ ГЕРМАНИЈА…

ФОКУС: По внатрепартиските промени во СДСМ по поразот на локалните избори, вие станавте генерален секретар на партијата. Дали останувате посветен само на партиските активности или имате амбиција да се преселите во извршната власт? Своевремено, се споменувавте како можен министер за внатрешни работи…

ЗЕЧЕВИЌ: Во ниту еден момент моето учество во извршната власт не беше предмет на интерес. За жал, политичката пракса покажува дека фокусот на јавноста постојано е кон владата. Велам, за жал, затоа што има процеси кои се еднакво важни.

ФОКУС: На кои процеси мислите?

ЗЕЧЕВИЌ: Тоа се процесите на внатрешните ферментации во партиите, јакнење на вредностите, идеолошката поставеност, концепти за иднината, следни доктрини и стратегии…, затоа што од тоа какви се партиите внатре, денеска зависи иднината на земјата утре, тоа е многу важно.

Во еден таков момент во СДСМ, се вклучив со една единствена цел – да помогнам таму каде што сум потребен, каде имам политичко познавање и искуство.

ФОКУС: Какви се односите меѓу актуелното раководство на СДСМ и поранешниот партиски лидер Заев? Дали има концепциски разлики или се работи за разлики при поделба на сфери на влијание?

ЗЕЧЕВИЌ: Не функционирам на сфери на влијание и не ги градам односите врз таа база, така што мојот одговор е едноставен – едно се шпекулациите во јавноста, друго е реалноста.

Што се однесува до односите со претходниот претседател на СДСМ, тие се нормални, немам што посебно да акцентирам. Инаку, јавно сум кажал и можам да повторам дека неговото мислење го ценам и го почитувам.

ФОКУС: Дали причина за раздор создаде изборот на нов директор на АНБ, бидејќи кадровското решение било блиско до Вас, а неговото семејство во минатото било критички настроено кон поранешното раководство?

ЗЕЧЕВИЌ Одлуката за избор на директор на АНБ е одлука на владата, станува збор за сериозна, професионална функција  и јас не се сомневам дека е избран човек со капацитет, интегритет и квалитет. Не сме имале разногласија за ова прашање.

ФОКУС: Какво е Вашето мислење за неговата идеја за германски модел на владеење меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кој сега се реафирмира во контекст на уставните измени? Овој проект беше замислен за изолација на ДУИ, па колку е опортуно насила албанска партија да се истурка во опозиција?

ЗЕЧЕВИЌ Владина коалиција без релевантен политички претставник на Албанците во Македонија, не е влада што може да ѝ донесе стабилност на државата. Треба да се има предвид дека ние не сме Германија, дека нашето општество има различни политички и други карактеристики и дека зад секои меѓупартиски коалиции создадени по пат на меѓупартиски договори, треба секогаш предвид да се земе поширокиот политички, партиски, етнички и секаков друг контекст.

Накусо, секоја договорена коалиција на зелена маса мора да го отсликува реалното гласачко расположение на граѓаните.

РЕСЕТИРАЊЕ НА ПРАВОДУСНИОТ СИСТЕМ

ФОКУС: Вие сте правник и имате адвокатско искуство, па како ја оценувате ситуацијата во правосудството, во кое доверба искажаа 3 отсто од граѓаните, најголем дел од судиите и обвинителите признаваат дека трпат притисоци и ургенции, а жестоки критики испорачуваат и странски амбасадори?

ЗЕЧЕВИЌ: Судскиот систем мора да се реформира, но исто така и судиите мора да добијат пристојни услови за работа. И тука не мислам само на финансиски аспект, туку и на технички, организациски и така натаму. Ова е голема тема, на која можам да зборувам, да аргументирам со денови, но да ја оставиме за во некоја следна прилика.

ФОКУС: Сепак, станува збор за актуелна и важна тема, која не може да се игнорира. Како ги коментирате превирањата во Судскиот совет, кои дополнително ја нарушуваат сликата за судството? Дали е точно дека делумно кавгите се рефлексија на внатрешните борби во СДСМ?

ЗЕЧЕВИЌ: Не, апсолутно тоа не е точно, нема трошка вистина во ова тврдење. Можеби некој сака да си најде алиби во овие конструкции. Ви тврдам дека нема клинч инспириран од партиски влијанија.

ФОКУС: Дали, според вас, треба да се спроведе ветинг, кој постојано се споменува но никако да се случи?

ЗЕЧЕВИЌ: Мора да има ресетирање на системот. Иако, не мислам дека единствено ветингот ќе ги реши проблемите во судството. Ерозијата на судскиот систем како последица на 11-годишното владеење на ДПМНЕ треба од темел да се обновува. Да се создаде систем за професионални судии и судството со квалитетни и достоинствени услови на работа.

Судијата не треба да делува под притисок на јавност, туку по принцип на закон, приоритет и воспоставен систем. Повторно ви велам дека ова е огромна тема, која мора да ја држиме сите заедно на највисоко рамниште и да работиме на судството да му го вратиме достоинството, а на граѓаните вербата.

ФОКУС: Многу критики од домашната експертска јавност, но и од странство имаше за изборот на обвинител на организиран криминал. Па, кое е вашето мислење?

ЗЕЧЕВИЌ: Лично не го познавам човекот, за него и за неговиот избор најдобро е прашањето да го упатите до обвинителската фела која го избра на непосредни избори.

ФОКУС: По долги најави, почна да се проширува „црната листа“ на САД, на која прв беше ставен струшкиот градоначалник Мерко поради корупција и влијание во правни постапки. Каква порака е ова и дали очекувате таму да се најдат функционери од СДСМ? Што во таква ситуација – дали ќе побарате повлекување?

ЗЕЧЕВИЌ: Правда ни е насушно потребна, тоа е глас и на граѓаните, на јавноста, но и на сите кои добро ѝ мислат на земјата. Најавите дека ќе има проширувања на листата ги разбирам како аларм дека судско-обвинителскиот систем мора итно да се ресетира. Се надевам дека ова ќе го охрабри судскиот систем. Државните органи и институции треба сериозно да работат за тој организам на правдата да застане на здрави нозе. Никој не може да биде над законот.

ЈАС СУМ ЧОВЕК ОД ТЕРЕН

ФОКУС: И Вие бевте дел од Шарената револуција, чиј лозунг беше – нема правда нема мир, а видовме трговија со правдата за наводни повисоки цели, и, еве нека биде моја лична констатација, заднински дилови од лукративен карактер. Сметате ли дека ги изневеривте граѓаните?

ЗЕЧЕВИЌ: Шарената револуција е светол пример за протестното движење на обединети слободумни граѓани, која сметам дека ги даде своите резултати. Земјата која беше заробена од еден погрешен систем е на некој начин вратена во рацете на народот. Шарената заврши дел од целите што ги бараа граѓаните, а тоа беше враќање на слободата и демократијата и казни за оние кои го имаа прекршено законот.

Имам разбирање дека дел од целите не се во целост реализирани и тука го разбирам тој негативен одиум кај дел од луѓето со кои заедно чекоревме.

ФОКУС: Досега, сте се обраќале на партиски настани и трибини, но ги избегнувате медиумите, па ова е Ваше прво интервју откако станавте генерален секретар. Зошто се држевте подалеку од медиумите?

ЗЕЧЕВИЌ: Јас не сум гладен за медиумско внимание. Меѓутоа, сега ценам дека е важен момент за земјата, за македонската иднина, да се кажат отворено работите во овие клучни премрежија. Да се поразговара за дилемите, за перспективите, за опциите затоа што нема да се повторат наскоро.

Инаку, јас сум човек од терен, така ме знаат сите. Сакам резултати. Поблиску ми е да сработам, отколку само да се сликам. Тука сум кога треба да разговараме за суштина, за дилеми и за решенија. Поборник сум на тоа повеќе да се сработи, помалку да се зборува.

ФОКУС: Периодов од власта слушнавме како се означуваат и квалификуваат медиуми, изедначувајќи ги со компании и партиски центри, се делат новинари според медиумите од каде доаѓаат, а истото го правела и опозицијата. Сметате ли дека тоа е позитивна практика?

ЗЕЧЕВИЌ: Јас силно верувам во слободни и независни медиуми, новинари и медиумски работници на кои им се обезбедени услови за достоинствена работа, за живот без притисок. Вие да не бевте, Шарената револуција ќе беше мит во етерот. Храбрите ја пренесуваа.

Во последниот извештај на Фридом хаус, Македонија има најголем напредок, највисоко котира од земјите во соседството, особено е со најголем скок во делот на медиумските слободи. И ова е резултат на Шарената револуција.

Добро е, но може секогаш подобро. Дајте да ги воспоставиме позитивните практики преку решавање на проблемите – па и вие се соочувате со исклучоци во професијата. За почит е што се обидувате да сетирате системи за филтрирање и срдечно ѝ посакувам успех на оваа ваша борба.

Огромна благодарност им упатувам на новинарите, медиумските професионални здруженија, асоцијации и слично, кои се нафатија на една секојдневна борба, гради во гради со лажните вести, со дувлата за креирање лажни вести!

Знам дека ова е макотрпна работа како собирање пердуви фрлени од висококатница, во која ќе треба и системски решенија. Ова се битки кое општеството ги води во повеќе сегменти и мора да се избори да изгради одбранбени инструменти и институти.

 

АРГУМЕНТИРАНО ДЕБАТИРАМЕ, НЕКОГАШ ПОЖЕСТОКО – СЕКОЈ СО СВОЈОТ КРСТ

ФОКУС: Какви се односите во партијата? Дали има кохезија или зад завесата има борба меѓу разни фракции, што секогаш било својствено за СДСМ?

ЗЕЧЕВИЌ: За клучните државнички прашања функционираме унисоно, тоа и се гледа од нашите позиции коишто ги демонстрираме секојдневно. За сето останато, аргументирано дебатираме, некогаш пожестоко, некогаш потивко, впрочем како и во секоја нормална демократска партија.

ФОКУС: Што мислите за неодамнешното појавување на Црвенковски, кој изрази сомнеж дека е можно членство во ЕУ до 2030?

ЗЕЧЕВИЌ: Во едно демократско општество нормално е да постојат различни гледишта. Ние во СДСМ сериозно ги сфаќаме и ги почитуваме различните мислења. Но, јас сум оптимист и верувам дека целосната интеграција до 2030 година е возможна.

ФОКУС: Според ваши проценки, каква штета ви прави Максим Димитриевски, кој најави настап на следните парламентарни избори, па дури и дека ќе ја формира идната влада?

ЗЕЧЕВИЌ: Максим Димитриевски го направи својот избор. И нема тука што многу да се филозофира. Секој со својот крст, вели нашиот народ.

СИТЕ НОСИМЕ ЛИЧЕН ПЕЧАТ, ВАРДАРСКИ Е МОЈОТ КОНТИНУИТЕТ

ФОКУС: Долги години ве знаеме како Миле Зечевиќ, а сега фигурирате и со атрибутот Вардарски. Кога и како станавте Вардарски?

ЗЕЧЕВИЌ: Четири генерации го носеле атрибутот Вардарски и тоа е семејно наследство на кое што сум горд. Уште повеќе, што со гордост го носам и името по дедо ми – проф. д-р Миле  Хаџивасилев – Вардарски. Оние што ме познаваат подобро знаат и за Вардарски. Сите ние носиме и личен печат, Вардарски е мојот континуитет.

Поврзани новости