СДСМ: Два месеци од 2014 година Владата живеела на вересија

by Фокус 14:15
14:15

Изминатава година Македонија ги остварила историски најлошите резултати во делот на јавните финансии, обвинија денеска од СДСМ.

„Според податоците објавени од Министерството за финансии, од осамостојувањето до денес, во 2014 година е остварен убедливо највисок буџетски дефицит од над 360 милиони евра. Само во месец декември, Груевски и Ставрески креирале дефицит во висина од над 50 милиони евра. Овој кусок на буџетски средства е остварен и покрај дивеењето на инспекциските служби минатиот месец, коишто на име такси и глоби прибрале фрапантни 3 милиони и 400 илјади евра од стопанството и граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија појаснуваат дека, како и во претходните години, и годинава министерот Ставрески го надминал планираниот дефицит за 41 милион евра.

„За разлика од предходната година кога тој изнесуваше 4,1% од БДП, во 2014 година Ставрески постави нов рекорд со тоа што креираше дефицит во висина од 4,3%, дури и од статистички надуваниот номинален БДП. Што покажува овој дефицит во висина од 360 милиони евра? Дека во скоро два од дванаесете месеци од 2014 година, Владата живеела на вересија. Во скоро цели 2 месеца (50 дена) Владата не е способна да ги извршува своите фискални обврски, односно да исплатува плати, пензии, обврски кон добавувачи“, велат од СДСМ.

- Advertising -

Оттаму додаваат и дека лагата дека еврообврзницата се издава заради исплата на доспеаните долгови во 2015 сега е очигледна.

„Груевски и Ставрески морале да ја издадат еврообврзницата во јули, минатата година. Не затоа што тогаш биле поволни условите за тоа, туку затоа што Буџетот ќе колабирал до крајот на 2014 година. Во последните 4 месеци од 2014 година, Владата за покривање на тековниот дефицит потрошила 217 милиони евра од државните депозити, кадешто претходно беа уплатени 500 милиони евра од еврообврзницата. Само за 4 месеци Владата потрошила над 40% од вредноста на последното задолжување, со еврообврзница. Останува прашањето што тоа Груевски и Ставрески ќе излажат во наредниот период, кога реално доспеваат за исплата огромните суми од нивните претходни задолжувања? прашуваат од СДСМ.

 

Поврзани новости