Граѓаните секојднено сведочат како ВМРО-ДПМНЕ и неговите функционери расипнички се однесувале кон парите на граѓаните. Од ручеци и вечери од по стотици евра, преку скапо платени Мерцедеси, провизии и плацеви, па се до барокни дворци, функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивни блиски 11 години се луксузраа на сметка на осиромашените граѓани, велат од СДСМ.
„Времето на таквото расипничко трошење на парите од Буџетот за исполнување на луксузни желби на државни функционери, на државна сметка, заврши. Ребалансот на Буџетот ги следи потребите на сите категории граѓани. Со кратењето на непотребните трошоци за лускузирање, буџетските пари се враќаат назад кај граѓаните, а за прв пат сериозно се крати и премиерскиот буџет, нешто што беше незамисливо во времето на Никола Груевски и Емил Димитриев – се наведува во партиското соопштение на СДСМ.
Според нив, со новиот ребаланс, Владата предводена од СДСМ ќе им помогне на фирмите да исплатат нова зголемена минимална плата во висина од 12 000 денари на околу 70 000 граѓани веќе во септември.
– Трајно ќе го решиме проблемот на стечајните работници, а ќе започне и проектот „Младинска гаранција“ преку која младите ќе имаат можност вработување, доедукација или платена работа во приватниот сектор. Враќањето на парите назад кај граѓаните беше и останува врвен приоритет на СДСМ и новата Влада, а ребалансот е само првиот чекор кон остварување на зацртаните реформи што носат нови работни места, повисоки плати и целосен економски напредок – се наведува во соопштението.