Постигнатиот Договор со Грција е патриоски чин којшто го гарантира и зајакнува македонскиот идентитет и ги отвора вратите за членство во НАТО и ЕУ, реагира СДСМ во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека договорот за брише македонската историја и култура.
„Во однос на топонимите, членот 8 став 4 од Договорот обезбедува чисто и соодветно решение согласно меѓународните стандарди. Притоа им се дава приоритет на ендонимите, наместо егзонимите и тоа важи и за двете страни. Приоритет не значи забрана. Ист е случајот и со формирањето на Заедничкиот комитет кој ќе работи во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа, а неговото делување исто така ќе важи за двете страни подеднакво“, велат од владејачката партија.
Претходно, од опозициската партија истакнаа дека со договорот Македонија го губи правото врз симболот – македонско сонце, како да ги употребува македонските зборови за географските места, а воедно ќе треба ја ревидира историјата според грчки терк.