Коалициските партнери на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседателите на партиите коишто се придружија на опозициската коалиција едногласно го поздравија постигнатиот договор за надминување на политичката криза во земјава.
„На заедничкиот состанок којшто се одржа денеска заклучено беше дека создавањето преодна влада без Никола Груевски, којашто ќе ги организира следните парламентарни избори е клучен чекор за обезбедување фер и демократски избори. Едногласна е оценката дека именувањето специјален јавен обвинител ќе обезбеди независна и целосна истрага на сите откриени злоупотреби на власта. Вистината за Македонија ги обедини граѓаните во борбата за демократска и европска Македонија“, соопштија од СДСМ.
Од еден од партнерите на социјалдемократите, НСДП, смета дека договорот може да биде добра шанса и моќно оружје во рацете на демократски определените и слободољубиви граѓани до конечната цел – слободни и фер избори.
„Роковите од договорот за имплементација на демократските стандарди во изборниот процес, кои треба да гарантираат рамноправен статус на сите учесници во изборниот процес, се мошне кратки. Сепак, доколку суштината на договорот доследно се почитува од страна на потписниците и истите се придржуваат на динамиката на предвидените активности, шансите за фер избори се колку-толку реални. Само во такви околности опозицијата може да биде некаков контролор на владините политики и гарант за демократичноста на изборниот процес“, истакнаа новите социјалдемократи.
Претходно, и од ЛДП изјавија дека одржувањето на предвремени парламентарни избори на 24-ти април ќе биде ново поглавје за враќање на демократијата во Македонија.
„Никола Груевски е детронизиран. Неговиот пораз ќе биде запечатен со отворање на транспарентна истрага од страна на специјалниот јавен обвинител за содржините, доказите и аргументите од проектот „Вистината за Македонија“. Тоа ќе значи кривична и секаква друга одговорност за сите инволвирани во криминалните активности кои се правеа во изминатиот период под владение на Груевски и неговите послушници. Само така ќе се врати довербата во судскиот систем“, порачаа либералдемократите.