Вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, на кои ќе се избира нов претседател на партијата, ќе се одржат денеска, а гласањето ќе се одвива по електронски пат.
Сите членови кои поседуваат електронска членска картичка на СДСМ ќе може активно да се регистрираат и да гласаат на овие втори внатрепартиски избори.
За претседател на партијата се кандидираа тројца кандидати и тоа Димитар Ковачевски, кој е актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и екс-потпретседателка на СДСМ и Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекцијата на ТИРЗ.
Еден од нив ќе го заземе местото на досегашниот претседател на СДСМ Зоран Заев, кој даде оставка по неуспехот на партијата на локалните избори. Заев првпат на позицијата претседател на СДСМ беше избран во 2013 година.
Согласно Правилникот за постапката и роковникот, активно се регистрирани 51.228 членови на СДСМ, а пријави се пристигнати и по истекување на предвидените рокови.
Од овие причини, имајќи го предвид краткиот временски рок за активна регистрација, но и интересот на членовите на СДСМ, Централната изборна комисија задолжена за спроведување на вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, донесе одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори.
Гласањето на денешните вонредни избори ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации ширум државата, почнувајќи од 08.00 часот наутро, се до 19.00 часот попладне.
Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседатал на СДСМ кои се наоѓаат на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед.