Раскол во најголемата опозициска партија во Албанија

by Фокус

На денешното Национално собрание на албанската опозициска Демократска партија, свикано од историскиот партиски лидер Сали Бериша, беше разрешен актуелниот лидер Љуљзим Баша.

-Од 4.934 делегати, колку што учествуваа на Собранието, на тајното гласање учествуваа 4.491 при што за разрешување на Баша гласаа 4.446 од нив – информираше Беленд Келечи, еден од повеќето пратеници кои се на страната на Бериша.

По соопштување на резултатот од гласањето, Бериша истакна дека од денеска почнува борбата за враќање на достоинството на партијата.

-Седиштето на партијата ќе го преземеме кога за тоа ќе одлучиме – нагласи Бериша.

Поради најави за можни судири меѓу двете страни и насилно заземање на седиштето, големи полициски сили и цистерни со вода се наоѓаат во близина на седиштето, претходно и околу стадионот „Ер Албанија“ каде што се одржа собирот.

Баша, пак, за вечерва најави состанок на Претседателството, а за 18 декември Национално собрание.

Недоразбирањата и расколот во партијата се случија откако Баша го исклучи Бериша од пратеничката група, по барање на американската амбададорка, Јури Ким, откако САД го прогласија за „персона нон грата“.

Инаку, поранешниот градоначалник на Тирана Баша дојде на лидерското место на демократите по повлекувањето на Бериша, и оттогаш во неколку изборни циклуси губи од владејачките социјалисти на премиерот Еди Рама.

Поврзани новости