За денеска е најавено ново продолжение од објавувањето на прислушуваните материјали од Гостивар. СДСМ најавува дека новата „бомба“ ќе биде објавена некаде околу 14 часот, а потоа во текот на вечрните часови ќе следува народниот марш низ улиците на градот.
По неколкуте градови низ државата на ред е Гостивар. Последен народен собир СДСМ организираше во Велес, а претходно прислушувани материјали беа објавени во Штип, Охрид, Прилеп, Струмица и други места.
Проектот насловен како „Вистината за Македонија“ нема да запре се додека власта на ВМРО ДПМНЕ не падне, а потоа и не почнат кривично да одговараат сите вмешани во кримналот- велат од опозициската партија.
Токму прислушуваните разговори кријат како владеела ВМРО ДПМНЕ и како го загрозувала уставниот поредок и спроведувала политика. На десетина илјади страници се опфатени сите клучни аудиоснимки кои Заев вчера ги предаде во Јавното обвинителство како докази во предметите „Пуч“ и „Поткуп“. Иако обвинителството молчи и не презема ништо во однос на аферата „Прислушување“ сепак Заев очекува дека доказите ќе го укажат токму тоа- дека мора да се отвори истрага во досието „Прислушување“ затоа што снимките упатуваат на одговорност кај власта, а не кај опозицијата. Тој најави дека има 13 разговори кои не се јавно објавени, а кои, како што дознаваме, се директно поврзани со тоа дека власта договора како да прислушува.