Наводниот Отчет на Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски претставува само продолжение на четиригодишното замајување на граѓаните на Дебрца, со тавтолошко набројување на истите проекти. Добар дел и од тие проекти кои беа наброени, не се ниту завршени, ниту се ставени во функција.
– Отчетот на Трајкоски е празен, бидејќи во него ги нема приоритетните проекти, кои беа ветени во неговата изборна програма, со кои ја доби довербата на граѓаните на Дебрца, а не успеа да ги исполни ниту по четиригодишното практикување на локалната власт – информираат од опозицискиот СДСМ.
Од таму додаваат дека во Отчетот не виделе каде е ветената индустриска зона во Мешеишта, во која за почетокот на 2015 година требало да пристигнат првите инвеститори.
– Го нема рудникот за манган Стогово. во кој нели требаше да се реализираат 200 вработувања, ги нема винариите во Мешеишта, ја нема турската инвестиција во фабрика за моторни масла, го нема Слатинското Езеро и распукнатата брана, а кое требаше да прерасне во туристичка атракција за рурален туризам, ги нема ветените откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи, го нема домот за стари лица во Сливовски Анови и многу други, ветени, а неисполнети проекти – велат од СДСМ.