СДСМ: Датумот 5 јуни е бетониран исто како што беше 24 април

by Фокус 15:18
15:18

И ние сакаме да одиме на избори што е можно побрзо, но тоа може да се случи само кога ќе бидат исполнети обврските од Пржино, а тоа значи прочистен избирачки список и завршување на разговорите за реформите во медиумите, информираа на денешниот брифинг во СДСМ. Тие уште еднаш повторија дека „ќе учествуваат само на кредибилни и демократски избори“.

Според нив, медиумите остануваат тема на преговорите меѓу политичките партии и апсолутна лага е изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека тоа веќе не е услов за одржување на фер и демократски избори на 5 јуни,

– Ние рековме дека ќе ја прифатиме анализата на ЕУ и САД и ќе ја сметаме за објективна. Нивната оценка потврдува дека на 24 април не може да има фер, демократски и кредибилни избори. Ние остануваме на ставот дека нашето единствено барање останува дека на избори ќе одиме со прочистен избирачки список и медиумски реформи. Од една страна ВМРО-ДПМНЕ се прават тврди и не се појавија на лидерската средба, а од друга страна оставаат впечаток дека ДУИ дошла и преговара во нивно име. Воопшто не очекуваме дека во понатамошните преговори ДПМНЕ ќе го промени стилот – брифираат од СДСМ.

- Advertising -

Изјавата на Груевски дадена по настаните во Собранието во СДСМ ја толкуваат како уште еден обид во јавноста да се претстави дека 5 јуни е забетониран термин за избори, како што тоа власта го правела за 24 април.

– За медиумските реформи ќе мора да има некаков договор. Медиумите се еден од критериумите што како услови за одржување на фер и демократски избори ги посочи меѓународата заедница. Датумот што сега го имаме за избори е фиксиран исто толку колку што беше и претходниот. Наше барање е да има кредибилни избори и датумот ќе зависи од исполнување на условите за нивно одржување. Ние сакаме условите да се исполнат што побрзо и изборите да се одржат исто исто така што поскоро – велат од СДСМ.

– Меѓу предлозите имаше и таков за владините реклами да има буџет, а половина од нив да ги добиваат петте телевизии од Асоцијација на електронски медиуми, а другата половина да ја добиваат медиумите со најголем рејтинг – велат од СДСМ.

Што се однесува за реформите во сферата на медиумите кои според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски нема да продолжат, од опозициската партија демантираат дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ добил такви гаранции.

– Од учесници во преговарачкиот процес на ВМРО-ДПМНЕ со меѓународните претставници, дознаваме дека Груевски не добил такви гаранции од амбасадорите на САД и на Европската унија. Реформи во медиумите мора да има, а тоа освен со Договорот од Пржино е предвидено и со извештајот на Прибе – брифира висок функционер од СДСМ за „Мета“.

 

Поврзани новости