Зошто Македонија е една од ретките држави која не потпишала меѓудржавен договор со САД, врз основа на федералниот американски закон за Даночна усогласеност на нерезидентни сметки, според кој сите државјани, вклучително и оние кои живеат надвор, мора да ги пријават сите свои банкарски сметки вон САД од даночни причини, со цел да се оневозможи криењето на имот од страна на американски граѓани во офшор сметки и корпорации и да се ограничат можностите за даночни прекршувања, реагираа од опозицискиот СДСМ.
За таа цел, овој американски закон предвидува странските финансиски институции да ја информираат американската даночна управа за сите нивни американски клиенти.
– Сите ЕУ членки тоа го сторија и држави од соседство како Србија, Црна Гора, Бугарија, Косово, Хрватска. Македонија ја нема на овој список. Нашата држава нема дадено поддршка за спроведување на овој закон. Владата на Груевски мора да одговори чии пари и сметки ги крие? Зошто македонската влада застана на страна на даночните прикривачи? Дали ги крие сметките на министрите со двојни пасоши? Дали заштитува даночни престапници? На кои поединци или фирми им овозможува да не плаќаат данок? Кои бизнис интереси им се побитни од Македонија и нејзините стратешки односи со САД? Кои нерезидентни сметки ги крие Груевски? – праша Тихомир Илиевски од СДСМ.