Да не бараше ВМРО-ДПМНЕ одлагање веќе ќе беа донесени измените на Законот за заштита на населението од заразни болести и мерките за заштита од коронавирусот, обвинуваат од СДСМ откако вчера беше тргната оваа точка од дневен ред на собраниската седница по барање на опозиција.
Со измените во законот треба да се отвори пат за да може да се спроведат дел од мерките кои ги предложи Комисијата за заразни болести, а ги прифати и Владата, меѓу кои е и задолжителното носење маски на отворено.
-Колку се неодговорни и несериозни покажуваат со тоа што во Собранието побараа одлагање на точката за измена на Законот за заштита на населението од заразни болести за да се вметнат нивни предлози, и наместо тоа на крај да предложат сосема друго, формирање на паралелна специјална комисија за справување со ковид-19 па дури и формираа нивна комисија внатре во партијата, велат од СДСМ.
Барањето за специјална комисија, социјалдемократите го оценуваат како деструктивно однесување нагласувајќи дека постои Комисија за заразни болести која е составена од стручни и докажани професионалци и нема потреба од ново тело.
-СДСМ уште еднаш повикува на разум и одговорност, јавното здравје е над партиските интереси. Коронавирусот нема да застане и да чека ВМРО-ДПМНЕ да игра политички игри и да го доведува во опасност јавното здравје, мерките мора да се донесат во најкус можен рок, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, утрово го повторија нивното барање за да се формира специјална комисија.