За потписите од најмалку 61 пратеник, што како услов за добивање на мандат за состав на влада, го постави претседателот Ѓорге Иванов, партиите немаат конкретен одговор дали ја започнаа трката по парламентарно мнозинство.
Од СДСМ велат дека „работат на изнаоѓање на брзо решение” и децидни се дека ќе формираат влада. Ним, потписи веќе им понудија од движењето Алијанса на Албанците и од БЕСА. Албанските партии сепак, велат дека тоа не значи оти ќе бидат дел од новата влада, ако не им бидат прифатени барањата од заедничката платформа, во која главен услов е официјализирање на албанскиот јазик.
ВМРО-ДПМНЕ пак, ќе инститира да има нови избори.
-ВМРО-ДПМНЕ како победник на изборите ќе вложи максимални напори за да се почитува волјата на мнозинството гласачи кои ја дадоа поддршката за програмата на Коалицијата за подобра Македонија. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека одржувањето на нови избори е најдоброто решение во насока на надминување на кризата и враќање на реформските приоритети во прв план- рекоа од партијата, во изјава за Радио Слободна Европа, одговарајќи на прашањето дали се почнати преговори за формирање ново мнозинство.
ДПА и понатаму молчи, а ДУИ тактизира. Од партијата на Али Ахмети велат дека за нив се уште се отворени сите опции, меѓу кои, коалиција со ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, но и нови избори.