СДСМ Битола: Хакери од ВМРО-ДПМНЕ ги пробиле службените компјутери на наши советници

by Fokus

Локалната власт во Битола предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот, го сруши интегритетот на Советот на Општина Битола, рече на денешната прес-конференција координаторот на советничката група на СДСМ Битола, Методија Илиевски.

„Постојат индиции за основано сомнение за извршен упад во службените компјутери на неколку советници од СДСМ и коалицијата. Погазена е приватноста на советниците, загрозена е нивната работа како народни избраници и уништена е назависноста на Советот на општината како институција“, вели Илиевски, според локалната телевизија Тера.

Советничката група на СДСМ и коалицијата поднела пријава во Основното јавно обвинителство и во Министерството за внатрешни работи против непознати лица поради постоење индиции за основано сомнение за извршен упад во службени компјутери кои советниците ги добија од општината.

„Очекуваме за многу брзо да се откријат сите детали од оваа афера која потврдува дека кај ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило. Оваа партија кога и да е на власт ги користи методите на работа од времето на Никола Груевски. Шпионирање, прислушување, шиканирање на политичкиот противник било и очигледно сѐ уште е начинот на кој работи ВМРО – ДПМНЕ. Градоначалникот на Општина Битола, неговиот заменик и претседателката на Советот веднаш да понесат одговорност и да соработуваат со сите надлежни институции со цел да се открие нарачателот и извршителот. Само така ќе овозможат истрагата да ги открие налогодавачите и извршителите на ова тешко кривично дело“, рече Илиевски.

Поврзани новости