Бугарскиот пејач и несуден политичар Азис стана татко по вторпат

by Fokus 19:20
19:20

Контроверзниот бугарски турбо фолк пејач Васил Бојанов, познат во регионот како Азис, стана татко по вторпат.

Тој ја објави веста дека добил син, со зборовите дека да се стане татко по втор пат, и тоа на 44 години, за него е голем благослов. Музичарот ја има и ќерката Раја која има 14 години, а ја доби со негова блиска пријателка.

Освен што е еден од најпопуларните музичари во Бугарија, своевремено Азис си ја испроба среќата и во политиката. Учествуваше во парламентарните избори во 2005 година, како член на партијата Евро Рома, но по неуспехот на политичко поле, повторно се сврте кон музиката.

Околу тоа која е мајката на неговиот новороден син, нема информација. Тој е познат како еден од првите јавни личности во Бугарија кој отворено зборуваше за својата сексуална припадност и не криеше дека е хомосексуалец. Во документарен филм за него, раскажуваше дека кога бил дете многу му било тешко бидејќи е Ром.

Постојано ја чувствувал дискриминацијата, но уште од дете решил дека еден ден ќе биде успешен. На почетокот на кариерата кон крајот на деведесеттите години на минатиот век, се појавуваше во јавност најчесто облечен како жена, додека денес е свртен кон мачо изгледот.

Во интервју од пред неколку години раскажа дека стилот кој го промовирал на почетокот на кариерата бил со цел да го сврти вниманието кон себе, затоа што не верувал дека само со добар глас ќе успее да направи кариера.

Пред два месеци промовираше дует со хрватската музичка ѕвезда Северина, и важи за еден од најангажираните музичари во Бугарија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости