Владејачката СДСМ побара оставка од опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски затоа што излажал дека има формирано мнозинство, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Зоран Заев да се повлече од премиерската функција.
-После сите лаги за наводно ново парламентарно мнозинство, Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да си даде оставка. Заради желбата за власт Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се анти НАТО и анти ЕУ, со политичари кои се против Договорот од Преспа, против Охридскиот рамковен договор, против концептот едно општество за сите. Неуспешниот обид за создавање ново парламентарно мнозинство, покажа и дека Димитар Апасиев не е ништо друго освен обичен потрчко на Мицкоски.
Стана јасно дека Левица е исто што и ВМРО-ДПМНЕ, дека Мицкоски и Апасиев се едно исто, изјави Дарко Каевски од СДСМ .
Одговорот од ВМРО-ДПМНЕ стигна од Димче Арсовски кој го нарече Заев најголем лузер, најголем измамник и киднапер.
-Отсуството на срам за сите случувања изминативе 4 години во СДСМ и кај Зоран Заев, а вклучително и кај неговите протагонисти чии фотелји и бизниси зависат од власта на Зоран Заев е највисок чин на потврда дека Република Македонија е водена од мафија по теркот на јужноамериканските нарко картели.
Најпрвин крадеа изборни процеси со гласање на 4 секунди, потоа почнаа да шверцуваат дрога преку државни органи и ресурси, за на крај да киднапираат пратеници за да ја задржат власта преку која крадат, пустошат, малтретираат и го држат жив хибридниот режим. За сето ова е виновен Зоран Заев.
Зоран Заев е лидер на нарко картел, а не на Влада.
Ако го погледнете лузерот Заев, сите ќе сфатите дека тој е очаен и човек во агонија, кој заради тоа што е киднапиран од сопствените криминални пориви, мораше да киднапира како власт пратеник за да се спаси од одговорност некое време.
Ако Зоран Заев ја киднапира СДСМ како партија и не сака да ја испорача оставката, народот е тој кој ќе му ја испорача оставката и ќе го прати во историја, вели Арсовски.