По барање на СДСМ, на денешната седница на Советот на Град Скопје се расправаше за упадот на полицијата во дворот и објектот на библиотеката Браќа Миладиновци при протестите на 5 мај и за средношколските протести и состојбите во средните училишта на Град Скопје.
Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, побара итно ослободување на притворените студенти од протестот на петти мај, имајќи во предвид дека причина за протестите е обидот да се прикрие брутално убиство на невин млад човек од страна на припадници на МВР.
Рече дека нечовечноста на врвните функционери на Владата во постапувањето со убиството на Мартин Нешковски предизвикала огромен гнев кај граѓаните на Скопје, но на протестот биле уфрлени и провокатори.
-Според нашите информации, помеѓу демонстрантите беа уфрлени и провокатори коишто ја нападнаа полицијата. Реакцијата на полицијата беше брутална и со прекумерна употреба на сила. Во притвор се голем број на студенти коишто се невини и коишто на никаков начин немаат придонес во нападите врз полицајците, рече Манчевски.