СДСМ бара Од Управата за јавни приходи да изврши даночна контрола врз работењето на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин кое се јавува како донатор на 5 споменици во центарот на Скопје. Освен од УЈП, опозицијата бара од Управата за финансиско разузнавање да спроведе истрага за да се утврди изворот на финансирањето и дали Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин постапила според Законот за спречување на перење пари.
„СДСМ, во интерес на граѓаните, бара да се обелодени вистинскиот донатор и финансиер на петте споменици, со оглед на тоа што Коце Трајановски очигледно тоа не го знае, или пак премногу добро го знае“, велат од СДСМ.
Инаку, градежните работи се во тек што значи дека некој веќе го плаќа поставувањето на спомениците.
Во новиот број на неделникот Фокус, истражувавме кој се крие зад здружението што ги донира спомениците. Станува збор за 73-годишниот Ташко Јованов, кој одби да даде одговори на нашите прашања.
Според одлуката на градот Скопје, здружението на Јованов донира споменик на генерал Михајло Апостолски, кој ќе биде поставен кај клучката Континентал. Кај Судска палата ќе биде подигнат споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето,а кај комплекост факултети споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Спомениците на Никола Петров Русински и Пере Тошев ќе бидат поставени во близина на Универзитетската библиотека.Сите, како по правило, ќе бидат качени на коњ освен споменикот на Андон Лазов – Јанев.