Во Скопје немилосрдно продолжува уништувањето на зеленилото и сечата на дрвјата. На таргет на криминалната власт повторно се најдоа дрвјата на падините на Водно. Над Детската болница „Козле“ веќе е исечена поголема површина на борова шума и се пробива пат, пишува во соопштението на опозициската СДСМ.
„Токму на овој дел од Водно, плац од 2.000 метри квадрати има министерот за одбрана Зоран Јолевски, од ВМРО-ДПМНЕ. Според информации што ги пренесоа одредени печатени медиуми на овој дел наводно свој плац имал и Томе Неновски, поранешен гувернер на НБМ, близок до ВМРО-ДПМНЕ. Надлежните институции, Град Скопје и општина Карпош имаат обврска да излезат и пред граѓаните да дадат одговори на прашањата: Зошто се сече шумата од Долно Водно? Кој ќе понесе одговорност? Дали еколошкиот масакар на дрвјата на Долно Водно е поради лични и бизнис интереси на лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ“, прашуваат од СДСМ.
За последниве 10 години, Скопје остана без половина градско зеленило, а само во последните две – три години исечени се низа на паркови и зелени површини, се вели во соопштението.
„Податоците покажуваат дека во Скопје, годишно има помеѓу 150 до 180 денови во коишто воздухот е загаден над дозволеното односно со високи концентрации на канцерогените ПМ 10 честички. Како последици од канцерогените честички во загадениот воздух, според извештајот на Светска банка, во Македонија умираат 1.350 луѓе годишно. Што е катастрофа. Криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ се на директна штета на граѓаните. Бараме сечата на дрвјата на Водно да прекине и повиканите институции да излезат со одговори пред јавноста“, реагираат од партијата.