СДСМ Арачиново ги повика кандидатите за војници да се пријават во партија, СДСМ и МО се оградуваат

by fokus

На социјалните мрежи се споделува повик од партискиот огранок на СДСМ Арачиново „кандидатите за нови членови на армијата да се пријават кај раководителот, односно оние што се членови на партијата да се пријават кај партиското раководство“.

-Почитувани сонародници, ги повикуваме сите кои се пријавија во огласот што го направи министерството за одбрана за прием на војници во Армијата на Република Сверен Македонија, кандидатите да се пријават кај раководителот на огранокот Харацин или на членовите на ЛСДМ-Харацин е раководство на огранокот, се вели во повикот кој сега е веќе избришан од Фејсбук страницата.

На 14 септември Министерството за одбрана објави Јавен оглас за прием на 200 професионални војници на служба во Армијата.

СДСМ и Министерството за одбрана се огради од повикот кој се споделува на социјалните мрежи.

-Станува збор за злоупотребата на страницата спротивна со вредностите и политиките на СДСМ за што ќе следи целосно расчистување на случајот и одговорност, велат од СДСМ.

Министерството за одбрана информира дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди и МО и Армијата не дозволуваат какви било партиски или друг вид на влијание.

– Во Армијата на Република Северна Македонија војниците кои ќе бидат примени ќе треба да ги исполнуваат сите професионални карактеристики пропишани на огласот. Најдобрите ќе бидат примени! Ги охрабруваме сите граѓани заинтересирани да аплицираат без разлика на верска, национална, партиска или било каква друга припадност, се наведува во соопштението на МО.

Истовремено, Министерството за обрана ги повикува политичките партии да се воздржат од какви било притисоци или влијанија врз сегашните и идните припадници на Армијата.

Поврзани новости