Самиот Фонд за здравство, раководен од ВМРО-ДПМНЕ, призна дека во последниве седум години, процентот на граѓани кои пијат апчиња пораснал за неверојатни 70 проценти! Во првите три најзастапени групи на лекови се апчињата за срце, за желудник и за смирување, изјави Гоце Чакаровски, претседател на Комисијата за здравство на СДСМ.
– Не треба да се биде психијатар за да се знае дека проблемите со срцето, со стомакот и депресијата се резултат во најголем дел на неподносливиот стрес на којшто се изложени луѓето поради начинот на живот. Според последните достапни податоци, 200.000 граѓани на Македонија се во депресија. Во просек секоја петта жена и секој петти маж во земјава страда од овој проблем. Најавата на власта за отворање 36 центри за лекување од депресија, во коишто ќе се оди без упат, без сини картони, упатува на нервозен обид на власта, да се ослободи од одговорноста, до каде ги донесе граѓаните. До работ на огромна задолженост и сиромаштија, на беспарица, на неперспективност, до работ на издржливото – вели Чакаровски.
Менталното здравје на граѓаните на Македонија има загрижувачки тренд, вели Чакаровски и додава дека тоа не се лечи само со депресивни центри.
– Центрите за депресија ќе ја третираат последицата. Потребно е да се интервенира во причините. Општеството ни е болно. Политиките со коишто се управува системот се нездрави. Апелираме, паралелно со отворањето депресивни центри, Владата на Груевски да престане да мисли само на своите интереси и да го почне лекувањето од врвот на пирамидата – од системот, како сериозен предизвикувач на алармантната состојба со депресивниот народ во земјава. Ако воопшто има волја за тоа – смета претседателот на Комисијата за здравство на СДСМ.