Коце Трајановски ги задолжува граѓаните на Скопје во висина од 7 милиони и 300.000 евра за луксузната административна зграда на „Водовод“. Иако кога започна да ја гради зградата, Трајановски тврдеше дека изградбата ќе се финансира од сопствени средства. Овој кредит скопјани ќе треба да го враќаат во следните 12 години, со висока каматна стапка од 8 отсто, изјави вчера потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
– Имајќи во предвид дека проектираната зграда на Водовод има околу 5.000 м2 површина, цената на чинење на 1 метар квадратен во оваа луксузна зграда надминува неверојатни 2.000 евра! Градоначалникот Коце Трајановски продолжува да се луксузира и да ги троши парите на граѓаните. Опозиција постојано укажува дека ова е нелогичен и прескап проект. По којзнае кој пат повторуваме дека најсоодветно е недоизградениот објект на Водовод, во сегашната состојба, да се продаде. Парите од продажбата би се искористиле за поскромен, енергетски ефикасен, нормален објект кој би ги задоволил потребите на вработените во Водовод – вели Манчевски.
Советничката група на СДСМ и коалициските партнери го прашува Коце Трајановски:
Зошто Трајановски инсистира на градење на луксузен објект за Водовод што ќе чини повеќе од 2.000 евра за метар квадратен? Кој профитира од оваа зделка?
Која е логиката да се гради луксузна зграда наместо парите да се наменат за изградба на водоводна мрежа и замена на постоечките азбестни цевки?
Дали е ова, како и сите други објекти од Скопје 2014, уште еден начин на кој Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ перат пари?