Кривичниот совет на Врховниот суд, составен од петмина врховни судии, одлучил дека лишувањето од слобода на осомничениот градоначалник на Пустец Едмонд Темелко на 12 февруари лани, на барање на Специјалното јавно обвинителство, било законско. Одлуката ќе биде потпишана и објавена следните денови, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Одлуката за Темелко е по Барање заштита на законитоста на постапката поднесено токму од СЈО, кое од Основниот суд Скопје 1 и од одбраната на осомничениот, беше критикувано дека издало законски непоткрепен налог за негово лишување од слобода.
Затоа Кривичниот суд потоа не одобри мерка притвор за Едмонд Темелко, еден од главните осомничени во првата и најобемна истрага што ја поведе СЈО по број на осомничени. „Титаник“ се однесува на сомневања за изборни нерегуларности вршени во 2013 година.
Специјалната обвинителка Катица Јанева во рана фаза од постапката побарала Врховниот суд да пресече дали обвинителот од СЈО бил во право во случајот со приведувањето на Темелко, или пак Кривичниот суд, кој тврди дека осомничениот незаконски бил лишен од слобода.
„Врховниот суд смета дека обвинителот од Специјалното јавно обвинителство правилно го применил законот, бидејќи станува збор за специфична постапка. Осомничениот има двојно државјанство, два пасоша, македонски и пасош на Република Албанија, па оттаму основани се сомневањата на обвинителот за опасност од бегство, дека можеби ќе станел недостапен и нема да даде изјава“, објаснуваат дел од врховните судии кои ја донеле одлуката во корист на СЈО.