СДСМ очекува денеска да се избере спикер, ВМРО-ДПМНЕ сака да се бира само Комисија

by fokus

Во Собранието денеска напладне ќе продолжи конститутивната седница. На оваа седница треба да се избере Комисијата за избори и именувања за која минатата недела партиите постигнаа согласност.

Потоа, од СДСМ велат дека ќе се премине на бирање на нов претседател на Собранието. Најсериозен кандидат е предлогот на ДУИ, Талат Џафери, за кој вчера Зоран Заев рече дека има најголемо искуство во работата на Собранието.

-Ние имаме свои кандидати, „Беса“ има кандидат, и господинот Талат Џафери е кандидат, секако, еден од посериозните. Зошто? Затоа што во работењето на парламентот поседува најголемо искуство во однос на другите кандидати, и верувам дека има одлични шанси тој да биде. Нам и на коалицијата ни е важно претседателот да биде капацитетен човек кој ја знае парламентарната демократија и кој има искуство. Имаме амбиции да го вратиме сјајот на парламентот, тој да биде коректор на власта, да има разбирање за идната опозиција, да го почитува нејзиното право, да прифаќа предлози од нив и да даде инклузивност во процесот, бидејќи демократијата значи и толеранција и разбирање, рече Заев.

Сепак, пораките од ВМРО-ДПМНЕ упатуваат дека тие не сакаат денеска да биде избран нов претседател на Собранието. Илија Димовски изјави дека Собранието денеска ќе ја избере само Комисијата за избори и именување.

-Потоа, според процедурата, треба да се свика седница на Комисијата за избори и и именувања, таму да се разгледаат еден, два, три, десет или сто предлози за претседател на Собранието, и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница. Тогаш тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието, рече Димовски.

Досега, оваа процедура од избор на Комисија до избор на собраниски спикер не траела повеќе од 3-4 часа.

Поврзани новости