Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев не се наоѓа повикан од неодамнешната изјава на министерот Оливер Спасовски, дека МВР апсело, а судот ги пуштал криминалците на слобода.
-Лично сметам дека кога министерот ги прозива обвинителите и судиите во врска со неопределувањето мерки, не посочува со прст кон судиите од Кривичен. Овој суд е апсолутно независен, се имаме оградено од сите можни влијанија. Одлуките кои се носат се избалансирани и правични – рече Џолев на брифингот со новинарите.
Статистиката на судот покажува дека речиси секогаш се прифаќа барањето на обвинителството за притвор, но потоа ситуацијата се менува со одлуки на повисоките судови.
Неодамна во јавноста се крена прашина кога му беше даден времен пасош на бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во истрагата „Империја“ на СЈО. Пасошот му е даден по одлука на судија на претходна постапка, но по позитивно мислење на Катица Јанева.