“Валенсијанци, ајде да се исправиме
Нека светлината го поздрави
Сонцето повторно”
(извадок од химната на Валенсија)
Пишува: проф. д-р Ирина Чудоска Блажевска
Во целото Кралство Шпанија има вкупно 1.720 починати и 28.500 заболени од ковид-19. Валенсија е една од седумнаесетте автономни области на кралството Шпанија и е составена од три провинции – Аликанте, Кастејон и Валенсија, чија вкупна популација изнесува околу 5 милиони жители. Првиот случај на корона вирусот е регистриран на 27 февруари во градот Виљареал во Кастејон, кај репортер кој патувал во Милано за да го следи фудбалскиот натпревар на фудбалскиот клуб Валенсија КФ со Аталанта.
Оттогаш до денес, 22 март 2020 година, според податоците на Центарот за јавно здравје, бројот на заболени лица од ковид вирусот е 1.604 лица од кои 590 се хоспитализирани, а 113 од нив се на интензивна нега. Во провинцијата Кастејон вкупниот број на заболени е 154, во провинцијата Аликанте 484 и во провинцијата Валенсија 908. Од заболените, 264 лица се медицински персонал. Досега, во автономната област Валенсија има 69 смртни случаи, од кои, по провинции, 4 се во Кастејон, 25 во Валенсија и 40 во Аликанте.
На 14 март 2020 година од страна на шпанската влада беше објавена вонредна состојба на територијата на целата земја, во времетраење од 15 дена, според членот 116.2 од Уставот на Кралството Шпанија, според едниот од условите за прогласување на вонредна состојба при „санитарна криза, како епидемии и состојби на сериозна контаминација“ преку Кралскиот декрет 463/2020 објавен во Службен весник бр.67 од 14 март 2020.
Со воведувањето на вонредна состојба сликата се смени. Гледајќи ги улиците, имаш чувство дека гледаш некоја фотографија, паузирана камера, се само не реалност. Промената беше драстична и шокантна имајќи во предвид дека временските услови од околу 20 до 25 степени целзиусови во текот на целата зима и медитеранскиот начин на живот овозможува една голема раздвиженост и поминување на голем дел од времето на отворено.
Во текот на оваа недела од дома може да се излегува само за набавка на намирници, шетање на домашен миленик, пазарење во аптека или купување на весник. Затворени се сите продавници кои не ги продаваат овие работи. Сите државни служби и банки исто така не работат со граѓани. Банките ги затворија сите филијали освен по една до две во целиот град во кои надвор, пред влезот во банката, се прави селекција дали услугата која ти е потребна е неопходна. Доколку не е, според протоколите, не може да се влезе.
При купување се апелира да се користи картица. Во сите аптеки и супермаркети на земја се излепени траки со раздалеченост од 1 метар, како внатре, така и надвор од нив, а влезот е ограничен само на одреден број на лица. Останатите чекаат надвор. При влез во супермаркетите рацете се дезинфицираат и се ставаат ракавици за една употреба.
По улиците има постојани полициски контроли кои легитимираат, бараат објаснување каде одиш и фискални сметки за купените производи кои се мотивот за твоето излегување од дома. Со кола може да се движи само по едно лице, контроли има на секоја раскрсница и се проверува кола по кола.
Сите приватни фирми се затворени и работниците треба да работат од дома, а на државните службеници им се издадени специјални картици кои го оправдуваат движењето при ваквите контроли. Јавниот транспорт е редуциран на една третина од вообичаеното и не се примаат кеш пари при наплата.
Забрането е спортување и џогирање како индивидуално, така и во придружба на куче. Парковите исто така се затворени, децата можат да излезат од дома со родителот само во случај ако родителот е сам и нема кому да ги остави додека ги купува неопходните работи. Притоа, треба да одат за рака, не смее да трча, да вози велосипед или тротинет. Исто така, дозволено е да излегуваат родители со деца со аутизам.
Освен посебите линии за информација или пријавување на заболена состојба исто така се објавени и телефони за психичка помош и поддршка за пребродување на ограниченото движење. Сите едукативни јавни установи, градинки, училишта и универзитети исто така се затворени.
Што се однесува до продолжување на образовниот процес од дома се уште нема информации за онлајн-платформите. Ова се должи на фактот што во целата провинција Валенсија оваа недела беше неработна поради празникот „фајас“. Мислам дека карантинот најмногу емоционално ги погоди токму Валесијанците поради тоа што мораше да се прекине најпозната прослава која трае три недели до 19 март од кои последната недела е неработна.
Од почеток на кризата со ковид-19 има три ситуации кои се карактеристични исклучиво за Валенсија. Ова е четври пат во историјата на Валенсија да бидат откажани прославите и претходните три пати биле во времетраењето на граѓанската војна.
За организација на „фајас“ се работи во текот на целата година како од страна на Валесијанската влада така и на многубројното здружение на граѓани – фајери. Тоа здружение е толку моќно што го викаат држава во држава. Се работи за една цела програма од околу 2.500 активности и случувања за секој ден од траење на прославата, поделени како по маала така на ниво на град.
По објавувањето на вонредната состојба, еден од проблемите беа огромните кукли околу 300 на број кои беа во делови донесени на одредените локации, поради тоа што мораше да се одлучи што да се прави со нив. Откажувањето на „фајас“ и нивното одложување за јуни имаше големо влијание врз Валенсија како на психичко ниво така и материјално. Имено, 92 проценти од хотелските капацитети беа искористени, а резервациите направени 2-3 месеци претходно. Денес хотелите се затворени.
Во Кастејон исто така се откажа прославата на „Гаиатас“, или прославата на светилките, која требаше да трае од 14 до 22 март.
Во текот на неделата пред воведувањето на вонредна состојба на територијата на целата држава, од Мадрид, којшто е најпогоден и има најмногу заболени од ковид-19, огромен број лица се упатија кон Валенсија во своите куќи и станови на море, најголем број кон градовите Дениа и Бенидорм. На ова бурно се реагираше на социјалните мрежи и, како резултат на тоа, со воведување на вонредната состојба беше забрането и движење кон непостојаните места на живеење.
Секоја вечер во 20:00 часот на балконите излегуваат луѓе да им аплаудираат на медицинскиот персонал, полицијата и се организираат забави со пуштање на електронска музика или свирење на инструменти најчесто на химната на Валенсија.
Како и секаде така и тука, многу е зголемена активноста на социјалните мрежи. Се појавуваат огромен број на видеа и шеги кои навистина помагаат и развеселуваат. Посебно внимание вреди да се обрне на видеата кои ја поттикнуваат солидарноста на општеството, пораки преку кои секој чувствува дека напорот кој што го прави е од големо значење и придонесува за заштита на најранливата група за овој вирус, а тоа се возрасните лица.
Со вчерашното обраќање на претседателот на владата Педро Санчес и информацијата дека допрва се очекува пикот на заболени, карантинот се продолжи на дополнителни 2 недели. Останува да се надеваме дека вонредната ситуација ќе даде позитивни резултати, бројот на заразени и смртни случаи ќе биде се помал и ќе се врати оној весел и полн со живот прекрасен град, а од под маските да се видат насмевките на дружељубните валенсијанци.