Бојан Јовановски, како осомничен во случајот „Рекет“, сѐ уште не дал исказ пред обвинителката Вилма Русковска. Како што дознаваме од извори од одбраната, Јовановски засега се изјаснил само за притворот, но воопшто не бил сослушан за обвинувањата што му се ставаат на товар, односно дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев за да му ја запре истрагата за случајот „Империја“.
Дека Јовановски сѐ уште не добил покана за распит за „Фокус“ потврдува и неговата адвокатка Светлана Савиќ.
За многубројните шпекулации поврзани со истрагата за „Рекет“, а кои се објавуваат во српските медиуми, адвокатката само кусо искоментира дека се лаги, но и дека не сакаат да демантираат такви информации, бидејќи ги сметаат за несериозни.
-Не точно ниту дека Јовановски е болен и дека барал преместување во болница, додаде Савиќ.
Денеска, веќе два часа свој исказ во Обвинителството за организиран криминал и корупција дава осомничениот Зоран Милевски Кичеец, а во својство на сведок сведочеше и пензионерката Лилјана Тодоровски. Претходните денови сведочеа обвинителките Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, нивниот колега Бурим Рустеми, како и шефицата на кабинет на Катица Јанева.
Утре, во 10 часот, е повикана да сведочи и специјалната јавна обвинителка Јанева. Таа засега има статус на сведок.
Валентина Вурмо