Откако органите на Левица му застанаа на патот на неговото самоволие, Димитар Апасиев изврши пуч во Левица, обвини Здравко Савески, член и функционер на Левица.
„Како Левица да е негова сопственост, (Апасиев) разреши половина состав на Централниот комитет и повеќе од половина состав од неговиот Президиум. Фактички, секој што му застана на патот на неговото самоволие го разреши. А се претставува како голем приврзаник на владеењето на правото. Да, кога му одговара се повикува. Кога правните норми се во спротивност со неговото самоволие – ги крши“, објави Савески на фејсбук.
Тој додаде дека Апасиев веќе подолго време е во контакт со ВМРО-ДПМНЕ и со неговото раководство.
„Оствари и средби со Христијан Мицковски. И очигледно работи на тоа од Левица да направи сателит-партија на ВМРО-ДПМНЕ, а за себе да си обезбеди пратеничко место преку листите на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. Пред две години беше извршен обид за преземање на Левица од инсталации на СДСМ. Тој обид заврши со неуспех. Сега се прави обид за пуч во дослух со ВМРО-ДПМНЕ, извршен со веројатна цел Левица да ѝ даде легитимитет на наводно независната кандидатура за претседател на државата на Гордана Силјановска, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Савески.