Сашо Тасевски: Ги знаат на памет сите песни од Аца Лукас и Цеца, а немаат чуено за Горан Стефановски

by fokus

Актерот, Сашо Тасевски, објави статуст на својот фејсбук профил со кој се простува од големиот македонски драмски писател, Горан Стефановски, кој почина вчера ненадејно. Тасевски посочува дека и покрај неговите големи остварувања и успеси, македонската јавноста недоволно е запознаена со животното дело на Стефановски.

„Горан ми пиша долг мејл истата ноќ кога добив награда за Цибра од Тетовирани души во 2002 година на игрите Чернодрински. Честиташе и рече: Среќен сум што ти лежат моите ликови. Забележав уште на факултет ко бевме (он беше професор, а јас студент). Си посакувам да играш во сите мои драми, пишуваше понатаму.
Нема глумец во Македонија на кого твоите ликови нема да му легнаг зашто се ДНК на нашиот менталитет, а твоите драми нашиот генотип. Тие се Ние. Затоа и самиот си посакувам да играм во што повеќе твои драми. Ете така некако му одговорив. Потоа играв уште во Демонот од Дебар Маало. И се осеќам ко да сум виновен што е така, ама така е. Зашто она што Шекспир е за Англичаните, Горан е за нас. Големо парче од нашиот идентитет. Треба да е. Колку навистина е, не знам. Куп новопечени доктори на науки кај нас, немаат чуено за него, ама затоа ги знаат на памет сите песни од Аца Лукас и Цеца. Тоа го знам. И се додека е тоа така, историјата ќе ни се повторува безброј пати, ама како поголема и поголема трагедија.
Тука некаде е и причината за неговото странствување, маката што го натера да замине одовде без да се заврти и да остане во туѓина. Ама знам дека не му било лесно без Скопје со неговите спомени и пријатели во него. Живите и умрените. Којзнае како е да се умре три илјади километри подалеку од твојот најубав живот. Од спомените. Од Скопје и Македонија. И верувам неговата душа веќе патува наваму. Оди на југ. Не е за таму. И таа го знае тоа. Исто како и Чернодрински, Горан се враќа дома“, напиша Тасевски.

Поврзани новости