Екс директорот на Фондот за здравство, Сашо Стефаноски, ќе управува со најголемата компанија за одгледување на канабис во Македонија – НЈСК Холдинг, која е концентрирана со својата работа во Општина Петровец, пишува Фактор.мк.
Според информациите, Стефаноски кој по професија е орален хирург, а кој не е политички активен во моментов, потврдил дека е нов раководител на најголемиот увозник на производи од канабис од Македонија.
Стефаноски доаѓа на местото на Златко Кескоски, професор по безбедност, кој досега беше извршен директор на компанијата од нејзиното основање.
НЈСК Холдинг во јуни 2021 стана првата македонска компанија која доби лиценца за извоз на сув цвет од канабис, како активна фармацевтска супстанција. НЈСК Холдинг е основана во август 2016 година и е првата лиценцирана компанија за одгледување на медицински канабис во земјава и воедно таа е прва македонска компанија со европска лиценца за производство на фармацевтски производи на база на канабиноиди.
Во октомври 2020 новиот производствен капацитет на НЈСК Холдинг беше отворен во индустриската зона Ќојлија во Петровец за кој тогашниот извршен директор Златко Кескоски рече дека е најголемиот во Европа.