КФОР распореди војници пред зградата на општина Звечан, се уште се присутни специјалците на косовската полиција

by Fokus

Меѓународните мировни сили КФОР распоредија свои војници околу зградата на локалната самоуправа во Звечан, на Косово, а на самиот влез во зградата се и припадници на специјалните сили на косовската полиција со оклопни возила.

Полицијата распоредила свои специјалци на сите поголеми раскрсници на северот на Косово и Метохија, јавува Радио-телевизија Србија.

На северот на Косово и Метохија од денеска ќе биде прекината наставата во сите основни и средни училишта, како и во градинките, одлучено е на состанокот на директорите на училиштата со првиот човек на Управата на училиштата.

Родителите на децата добиле порака дека наставата се одложува за понатаму, додека припадниците на косовската полиција „во целосна воена опрема“ не се повлечат од северот, соопшти РТС.

Прекинот на наставата се случи по присилната окупација на општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, општини со мнозинско српско население, од страна на косовската полиција и специјалните единици.

Во петокот, по обидите на граѓаните од северот на Косово да ја спречат полицијата да влезе во општинските простории во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, дошло до судири, во кои полицијата употребила солзавец, чад и шок бомби.

Неколкумина беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и ги донесе албанските градоначалници, кои победија на неодамна одржаните избори.

Изборите, кои беа бојкотирани од српските политички претставници на Косово и Метохија, беа организирани од Приштина на крајот на април, откако Србите ги напуштија косовските институции во ноември минатата година.

Поврзани новости