Текстот е објавен на 17.11.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1154
Веднаш по повлекувањето на Сашо Мијалков од директорската позиција во УБК, неговото семејство ја формираше „Бест Веј Инвестмент“, која ја откупи нафтената компанија „ОМ Петрол“, како и складиштето за нафта и трите бензиски пумпи од бизнисменот на „РТ Транс“. Покрај тоа, првиот братучед на Груевски формираше и фирма за товарен патен транспорт. Но, информациите што „Фокус“ ги потврди преку надлежните институции откриваат дека Мијалкови не застанале тука, бидејќи неодамна ја откупиле градежната компанија „Софија Градба“, која е акционер во „Жито Полог“ и ЗК „Пелагонија“, а со самото тоа станува дел од сопственичката структура и на „Здравје Радово“!
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
За време на еднодецениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот премиер Никола Груевски се потпираше на неколку луѓе од најголема доверба, кои формираа тесен круг кој ги носеше сите битни одлуки во државата. Меѓу нив имаше и неколку функционери со кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е во роднински врски или блиски семејни и пријателски релации, поради што врхушката на веќе поранешниот режим го доби епитетот „фамилијата“. Всушност, овој термин реферираше на мала група соработници, во чии раце беше сконцентрирана апсолутната моќ, па така тие цели 10 години на директен или посреден начин влијаеа врз судбините на два милиони луѓе.
Се разбира, главниот експонент поради кој актуелното вмровско и поранешното државно раководство ја заработи оваа етикета беше ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, кој е прв братучед на експремиерот и актуелен лидер на ДПМНЕ Груевски. Од една страна, тој беше од голема корист за ДПМНЕ, бидејќи неговите активности и донесоа голем успех на неколку парламентарни циклуси, но од друга страна, пак, неговиот имиџ и минато често му нанесуваа штета на рејтингот на партијата. Дури, може да се каже дека тој има вина и за падот на партијата од власт, бидејќи аферата со прислушувањето изби во институцијата со која тој раководеше.
Па, ако митолошката димензија што му се придаваше беше предност за ВМРО-ДПМНЕ, неговата контроверзност беше силно оружје во рацете на СДСМ да испорача напади и обвинувања во чија основа беше тезата дека Груевски, Мијалков и други партиски челници и државни раководители ја узурпирале целокупната власт за да ја злоупотребуваат за лични и партиски цели и интереси. Во таа насока, Радмила Шекеринска пред неколку години откри дека Мијалков крие од јавноста оти е сопственик на имот и компании, иако имаше законска обврска тоа до најситен детаљ да го пријави во Антикорупциската комисија. Тогаш Мијалков се бранеше дека станува збор за техничка грешка при внесувањетo на податоците во анкетниот лист, но, сепак, критичката јавност сосема оправдано се посомнева дека тој можеби крие и друг имот.
Неколку години подоцна, веднаш по парламентарните избори на крајот од минатата 2016 година, а пред формирањето на новата влада на средината на 2017 година, социјалдемократите во собранието обелоденија дека додека ВМРО-ДПМНЕ ги опструира политичките промени, Мијалков влегол во нафтениот бизнис. Набргу потоа, ДПМНЕ ја загуби власта, но тоа не беше никаква пречка Мијалкови да го освојуваат нафтениот бизнис преку компанија која до вчера беше на познат скопски бизнисмен. Покрај тоа, „Фокус“ открива дека Мијалкови не застанале тука, бидејќи директно влегле во градежниот бизнис, а индиректно во прехранбената, земјоделската и млечната индустрија.
ВЛЕЗ ВО НАФТЕНИОТ БИЗНИС
Како што е познато, Мијалков поднесе оставка од директорското место во УБК уште за време на аферата со прислушувањето, или поточно, веднаш по кумановските настани на 9 и 10 мај, кога загинаа неколку припадници на МВР, а десетици беа повредени во судирот со терористичката група во Диво Насеље. На 12 мај 2015 година, Мијалков писмено го извести Груевски како тогашен премиер дека функцијата ја извршувал одговорно и патриотски, со бројни успеси на полето во кое дејствувал, кои, според него, биле вистински мит во разговорите меѓу граѓаните. Сепак, и покрај „големите успеси“ за кои „народот говорел со гордост“, тој се повлече со цел, како што напиша во оставката, да помогне во надминување на политичката криза.
Но, само четири месеци по повлекувањето на Мијалков од јавната служба, неговото семејство ја основа компанијата „Бест Веј Инвестмент“, чија основна дејност е советување во врска со работењето и останато управување. Првично, како основачи на компанијата се јавуваат двајцата синови на Сашо Мијалков – Јордан и Александар, кои ја формирале компанијата на 21 септември 2015 година со основачки влог од по 2.500 евра. Сепак, на почетокот на следниот месец помалиот син на Мијалков се повлекува и единствен спственик останува Јордан. Управител на друштвото од формирањето до ден денес е Илија Тозија, кој е познат по членувањето во највисоките органи на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и во Надзорниот одбор на Државната видеолотарија.
Така, првата значајна бизнис активност на „Бест Веј Инвестмент“ се случува на самиот почеток на 2017 година, во периодот меѓу изборите и изборот на нова влада, кога фирмата станува сопственик на нафтена компанија. Станува збор за компанијата за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива „ОМ Петрол Оил“, која е формирана во август 2016 година од страна на бизнисменот Масар Омерагиќ, сопственик на транспортната фирма што стопанисува со скопската меѓуградска автобуска станица – „Руле Турс“. Веќе во јануари 2017 година, „ОМ Петрол Оил“ преминува во рацете на „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалков, кој го задржува стариот управител на друштвото, Васил Донаков, назначен два месеци пред промената на сопствеништвото, односно на средината на септември 2016 година, кога тој доаѓа на местото на Снежана Јовановска.
Инаку, Донаков своевремено бил во одборот на директори на фудбалскиот клуб Вардар. Исто така, и Омерагиќ долги години беше дел од фудбалската сцена, предводејќи ја битката против поранешниот долгогодишен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Харалампие Хаџиристески. Кога конечно Хаџиристески реши да се повлече, Омерагиќ најави кандидатура за негов наследник, при што сите го сметаа за фаворит, особено поради неговата блискост токму со Мијалков и со бизнисменот Орце Камчев. Меѓутоа, на крајот тој изненадувачки ја повлече кандидатурата за претседател на ФФМ и го отвори патот за избор на пријателот на Груевски, Илчо Ѓорѓиоски, во што значајна улога одигра Драги Митковски, овозможувајќи му на Ѓорѓиоски да ја запази формата при кандидатурата и изборот.
КАКО БРАТУЧЕДОТ ДОЈДЕ ДО БЕНЗИСКИ ПУМПИ?
Фактот што Донаков останува управител на „ОМ Петрол Оил“ и по промената на сопственикот е во најмала рака индикативен, бидејќи простата логика говори оти кога во некоја фирма има реална промена во сопствеништвото, новите газди назначуваат и нов менаџмент. Оттука, се наметнува дилемата дали Омерагиќ бил реален газда на „ОМ Петрол Оил“ и до моментот на „продажбата“, или, пак, цело време бил фиктивен сопственик на компанијата, дотолку повеќе што неговото семејство веќе одамна од 2008 година поседува и друга нафтена компанија – „РТ Транс Логистик“? Да биде уште посимптоматично, и капацитетите на оваа компанија преминаа во сопствеништво на „Бест Веј Инвестмент“!
Поточно, историјатот на промени на друштвото покажува дека „РТ Транс Логистик“ на почетокот на 2009 година регистрирала подружница за бензиска пумпа во Општина Кисела Вода, на бул. „Борис Трајковски“, пред влезот во населбата Драчево. Потоа, на средината на 2010 година компанијата ја регистрира подружницата за првата бензиска крај селото Смоквица, Гевгелија, во непосредна близина на македонско-грчката граница, додека една година подоцна отвора уште една бензиска пумпа на истата локација, само од другата страна на автопатот. Во 2013 година, пак, фирмата отвора и склад за трговија со нафта на големо во скопското село Трубарево а во 2015 отвора склад за нафта и во скопското село Р‘жаничино.
Сепак, во март 2017 година, Централниот регистар ги брише подружниците за складиштето за нафта во Р‘жаничино и трите бензиски пумпи од структурата на „РТ Транс Лоистик“ и истовремено ги впишува во сопственост на „Бест Веј Инвестмент“. На тој начин, „РТ Транс Логистик“ на Омерагиќ се сведува на подружницата во Трубарево за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива, додека „Бест Веј Инвестмент“ на Мијалков стекнува складиште за нафта во Р‘жаничино, една бензиска пумпа во Скопје и две бензиски пумпи во Гевгелија, во чии рамки, патем речено, функционираат и ресторани. Колку за информација, Тозија е управител на складиштето и на трите бензиски пумпи, кои до ден денес работат под старото лого „РТ Петрол“, кое произлегува од иницијалите на транспортната компанија на Омерагиќ – „Руле Турс“.
Во април 2017 година Мијалкови формираат и фирма за товарен патен транспорт, каде не фигурира Јордан, туку лично Сашо Мијалков. Се работи за компанијата „Поинт Оил Транспорт“, чие седиште е на истата адреса како и „Бест Веј Инвестмент“ во скопско Дебар Маало – ул. „Орце Николов“ бр. 71, каде, да биде иронијата уште поголема, е сместена и Дирекцијата за нафтени резерви. Сопственик на оваа компанија е друга фирма формирана во далечната 1993 година – „Макпоинт“, чие седиште се наоѓа на домашната адреса на Мијалков, кој моментално е сопственик но и управител на друштвото. Како што не информираа од Министерството за транспорт и врски, оваа фирма на крајот на мај годинава добила лиценца за внатрешен, но и лиценца за меѓународен товарен транспорт, кои имаат важност до 2021 година.
МИЈАЛКОВИ ФОРМИРАЛЕ И ФИРМА ЗА ТРАНСПОРТ
Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика во септември 2016 година и издава лиценца на „ОМ Петрол Оил“ со важност од 10 години за трговија на големо со сурова нафта и нафтени деривати, при што во смисла на оваа лиценца се подразбира „купување од земјата и странство на Еуродизел БС заради натамошна продажба на трговци и потрошувачи…“. Во одлуката за доделување лиценца од РКЕ се наведува дека за вршење на енергетската дејност компанијата ќе користи еден подземен резервоар од 100 кубни метри во селото Р’жаничино. Впрочем, како што се наведува во самата одлука, овој склад бил во сопственост на „РТ Транс Логистик“, која склучила договор со „ОМ Петрол Оил“ за закуп во период од 10 години, што значи дека Омерагиќ склучил договор самиот со себе, пред да му ја продаде едната компанија на Мијалков.
Што се однесува до „РТ Транс Логистик“, пак, во 2011 година таа добила лиценца за трговија со сурова нафта и нафтени деривати – Еуродизел БС. Но, во 2013 година, регулаторот ја проширува лиценцата на компанијата и за можност за трговија со Еуросупер БС 95, за една година подоцна повторно да ја измени лиценцата, враќајќи ја на првобитната состојба, односно само на Еуродизел БС. Веќе во 2016 година, РКЕ уште еднаш ја менува лиценцата за „РТ Транс Логистик“, која добива лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати – Еуродизел БС, ама на големо. Во актуелната 2017 година, регулаторот за последен пат ја изменува лиценцата на „РТ Транс Логистик“ на барање на носителот поради намалување на капацитетите, токму како резултат на продажбата на пумпите и резервоарите на „Бест Веј Инвестмент“.
Како што стои во одлуката на регулаторот, „РТ Транс Логистик“ продал 14 резервоари во селото Р‘жаничино со капацитет од по 100 кубни метри за складирање нафта. Арно ама, компанијата ја задржала лиценцата за трговија со Еуродизел на големо, бидејќи во скопско Трубарево поседува два резервоари од по 1.000 кубни метри за складирање на дериватот, кој компанијата го зела под закуп од државната фирма „Македонски Железници АД Транспорт“. Но, се поставува прашањето зошто Омерагиќ одлучил да продаде 14 резервоари во лична сопственост, а од петнаесеттиот резервоар да се откаже во корист на „ОМ Петрол Оил“, односно повторно во корист на Мијалков, кога самиот продолжува да работи во нафтениот бизнис со закупени резервоари за кои плаќа кирија?
Како и да е, со купувањето на „ОМ Петрол Оил“, Мијалкови добија право и на 10-годишната лиценца за трговија со нафта, односно со Еуродизел, како и еден резервоар од 100 кубни метри. Потоа, со преземањето на капацитетите на „РТ Транс Логистик“, тие добија и инфраструктура за работа, кои засега вклучуваат 14 резервоари за нафта со вкупен капацитет од 1.400 кубни метри, една бензиска пумпа во Скопје и две на излезот кон Грција, на многу атрактивна локација, при што во нивните рамки има и угостителски објекти. И на крајот, отворија и своја компанија за транспорт, со што добија логистика за транспорт на нафтата.
ИЗГРАДБА НА РЕЗИДЕНЦИЈАЛЕН ОБЈЕКТ ВО КАРПОШ
Арно ама, Мијалкови не застанаа само на нафтениот бизнис, туку се шират и во други бизнис-сектори. Документите што ги обезбедивме од Централниот регистар покажуваат дека „Бест Веј Инвестмент“ во август оваа 2017 година станал единствен сопственик на компанијата за изградба на станбени и нестанбени згради „Софија Градба“. Тоа, впрочем, се случува набрзо откако „Бест Веј Инвестмент“ на хартија станува сопственик на складиштето со нафта и бензиските пумпи на „РТ Транс Логистик“, а Мијалков ја вади од нафтелин компанијата „Макпоинт“, преку која ја формира транспортната фирма „Поинт Оил Транспорт“.
По формирањето во 2011 година, „Софија Градба“ практично на секои две години менува сопственик, но не ја менува адресата на седиштето, кое е лоцирано на домашната адреса на првиот сопственик и управител Љупчо Мицковски во скопската населба Козле. По Мицковски, од 2013 до 2015 сопственик и управител на компанијата е Лазар Стојановски, додека од 2015 до 2017 година сопственик е Златко Пирузе, кој воедно е и управител на друштвото до средината на 2016 година, кога на негово место доаѓа Марко Манев. Исто како и со Донаков во „ОМ Петрол Оил“, Манев останува да биде менаџер на „Софија Градба“ до ден денес, и покрај тоа што друштвото веќе неколку месеци има нов сопственик – „Бест Веј Инвестмент“?!
Називот на оваа компанија не може да се најде во системот на јавни набавки, што значи дека не склучила договор со државна институција или со јавен орган за јавна набавка, или попрецизно кажано – не била носител на договор за јавна набавка, меѓутоа фирмата била приватен инвеститор при изградба на станбени објекти. Од Општина Карпош не информираа дека поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски во 2012 година и издал одобрение за градење на „Софија Градба“ за резиденцијален објект со деловен простор, кое, на барање на инвеститорот, се менувало во 2013 и во 2015 година. Се работи за објект изграден на булеварот „Илинденска“, во близина на „МИ-ДА Моторс“, во кој, според Катастарот на недвижности, станбена единица поседува и инвеститорот „Софија Градба“, како и други физички и правни лица опфатени подолу во текстот.
Финансиските извештаи на „Софија Градба“ покажуваат дека компанијата од 2012 до 2015 година, кога го градела објектот во Карпош, постојано ги зголемувала приходите, така што во 2012 година тие изнесувале 1,8 милиони евра, а во 2015 година достигнале 4,59 милиони евра. Тоа се рефлектира и на профитот на друштвото, кое кумулативно во 2012, 2013, 2014 и 2015 година генерирало добивка од 2,2 милиони евра. Фирмата бележи драстичен пад на приходите единствено во минатата 2016 година, која ја завршува со загуба од 35.500 евра. Што се однесува до тековната 2017 година, кога „Софија Градба“ премина во сопственост на Мијалков, се уште нема податоци за нејзиното финансиско работење.
СИ КУПУВАЛ АКЦИИ ОД СОПСТВЕНАТА КОМПАНИЈА?!
Според податоците од Македонскиот депозитар за хартии од вредност, „Софија Градба“ и нејзиниот поранешен сопственик и управител Пирузе поседуваат акции во Друштвото за производство на мелнички, пекарски и други производи „Жито Полог“ – Тетово. Конкретно, „Софија Градба“ стекнала 15 отсто од акциите на „Жито Полог“ во декември 2015 година, кога ги откупува од офшор компанијата „О.Т.Е. Инвест“. Но, во јули 2016 година, една третина од овие акции ги откупува Пирузе, а една третина ги откупува и Ненад Јосифовиќ, кој долги години работи во „Орка Холдинг“ на Орце Камчев. Па, така, трите страни поседуваат идентични пет проценти од акциите се до минатата недела, кога по неколку берзански трансакции Пирузе и Јосифовиќ доаѓаат до нешто над 9 отсто од акциите на сметка на акционерите што поседуваат под пет отсто од акциите.
Врз основа на тоа може да се заклучи дека „Софија Градба“ станала акционер во „Жито Полог“ во време кога веќе речиси една година сопственик и управител на компанијата бил Пирузе. Згора на тоа, тој купил една третина од акциите од „Софија Градба“, кога се уште бил сопственик на компанијата, што значи дека како физичко лице откупил акции од правно лице во негова сопственост. По повлекувањето од „Софија Градба“, Пирузе речиси ја дуплира масата на акции, надминувајќи девет проценти од акциите, додека нешто над 5 отсто од акциите на „Софија Градба“ заминуваат кај Мијалков по промената во сопственичката структура во компанијата.
Убедливо најголем акционер во тетовскиот комбинат за производство на брашно е Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, каде „Софија Градба“ исто така поседува акции. Имено, „Софија Градба“ поседува 12,7 отсто од акциите на ЗК „Пелагонија“, така што на почетокот на 2015 година ги откупила седумте отсто од акциите што ги поседувала од истата офшор фирма од која ги откупила и акциите во „Жито Полог “- „О.Т.Е. Инвест“. На средината на 2016 година, пак, „Софија Градба“ откупила и дел од акциите на уште една офшор компанија – „Ексико“, имајќи предвид дека, според достапните податоци, тогаш оваа компанија паднала од 20 на 9,6 отсто од акциите, при што само кај „Софија Градба“ е регистрирана промена во позитива од сите акционери што поседуваат над 5 отсто од акциите.
Покрај „Софија Градба“, Пирузе и Јосифовиќ, повеќе од 5 отсто од акциите во „Жито Полог“ поседуваат погоре споменатиот Митевски (6,6 отсто), АД „Благој Ѓорев“ (8,9 отсто), а убедливо најголем акционер е ЗК „Пелагонија“ (37,5 отсто). Во ЗК „Пелагонија“, пак, покрај „Софија Градба“ и „Ексико“, меѓу акционерите повторно се сретнува Јосифовиќ со 7,3 отсто, потоа Цветан Панделески од „Пелистерка“ со 19,9 отсто, „Орка Холдинг“ на Камчев со 19,9 отсто, како и дузина други помали акционери што поседуваат под 5 отсто од акциите. За испреплетеноста меѓу овие друштва и нивните акционери доволно говори податокот дека Јосифовиќ стаса до овој процент на акции во ЗК „Пелагонија“ откако минатиот месец купи голем дел од оние над 16.000 акции што на берзата ги истргува „Жито Полог“, каде самиот, исто така, е акционер.
БИЗНИС КОМБИНАТОРИКИ СО ОФШОР ФИРМИ
Ако се има предвид дека номиналниот акционерски капитал на „Жито Полог“ – Тетово изнесува 2,8 милиони евра, а „Софија Градба“ моментално поседува 5,13 отсто од акциите, уделот на компанијата во ова акционерско друштво е 146.878 евра. Доколку се знае дека номиналниот капитал на ЗК „Пелагонија“, пак, изнесува 14,2 милиони евра, а „Софија Градба“ поседува 12,7 отсто од акциите, тогаш може да се каже дека уделот на фирмата на Мијалков во ова акционерско друштво изнесува 1,8 милиони евра. Инаку, со тоа што е сопственик на дел од акционерскиот капитал на ЗК „Пелагонија“, „Софија Градба“ автоматски е и делумен или еден од сопствениците на млекарата „Здравје Радово“.
Со одлука на Собранието на ЗК „Пелагонија“, комбинатот во јули оваа година станал стопроцентен сопственик на млекарата, кога, како што стои во известувањето до Македонската берза, стекнал право врз уделите на „Бетон Штип“ (49 отсто), „Орка Холдинг“ (34 отсто) и Панделески (17 отсто), во зделка вредна 12,6 милиони евра, така што „Бетон Штип“ добил 6,2 милиони, „Орха Холдинг“ 4,2 милиони а Панделески 2,1 милиони евра. Ако се знае дека компаниите што ги продаваат уделите во „Здравје Радово“ се водечките акционери кај ЗК „Пелагонија“ како купувач, тие повторно се сопственици на млекарницата. Меѓутоа, освен нив, во сопственичката структура сега влегуваат и другите акционери на ЗК „Пелагонија“, вклучително и „Софија Градба“ на Мијалков.
За поврзаноста меѓу продавачите и купувачот на уделите во „Здравје Радово“ говорат неколку податоци. Панделески е продавач на удел и претседател и неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“. Понатаму, „Орка Холдинг“ е продавач на удел, а извршен директор на „Орка“ е Камчев, кој истовремено е неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“. Сепак, најголемо внимание привлекува фактот што Тодор Мирчевски е член на Одборот на директори на продавачот на најголемиот уддел, „Бетон Штип“ и истовремено е неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“.
Поточно, тој членува во органите на управување во ЗК „Пелагонија“ како управител на еден од акционерите – офшор компанијата „Ексико“, чиј сопственик е од швајцарски Лугано. Во изминатиот период, медиумите го портретираа „Ексико“ како најуспешен офшор во земјава, кој, меѓу другото, се јавува и како сопственик на атрактивно земјиште на Водно. Она што оваа компанија ја поврзува со „О.Т.Е. Инвест“, покрај тоа што биле акционери во исти друштва, е и градежната компанија „Искра ММ“, подоцна преименувана во „Комплекс Александрија“. За време на своето егзистирање, оваа фирма сменила неколку сопственици, вклучително и „Ексико“ и „О.Т.Е. Инвест“, кои биле дел од нејзината сопственичка структура во различни периоди.
НЕДОРАЗБИРАЊА ПРИ ПОДЕЛБАТА НА ПЛЕНОТ
Сето тоа укажува дека едни исти луѓе орбитираат околу акционерските друштва и водечки фирми во одредени бизнис сектори. А текот на капиталот покажува дека тие си продавале акции и удели еден на друг, па дури и самите на себе. Колку за потсетување, неколку компании што имаат контролен пакет во акционерското друштво ЗК „Пелагонија“ одлучиле да си ги откупат уделите во друга компанија „Здравје Радово“. Потоа, сопственикот и управител на компанија, Пирузе откупил една третина од акциите на својата фирма „Софија Градба“. Згора на тоа, „Софија Градба“ откупила акции во две различни акционерски друштва, „Жито Полог“ и ЗК „Пелагонија“, од една иста офшор фирма – „О.Т.Е. Инвест“…
Во сите овие промени и поместувања се вклучува и Мијалков преку компанијата што неговиот син ја формираше откако се повлече од јавната служба. Откако влезе во нафтениот бизнис, откупувајќи ја „ОМ Петрол“ и капацитетите на „РТ Транс Логистик“, тој формираше фирма за товарен патен транспорт „Поинт Оил Транспорт“, за што обезбедил неколку години лиценци за работи од надлежните државни институции. Од неодамна, компанијата на неговото семејство „Бест Веј Инвестмент“ е формален сопственик и на „Софија Градба“, преку која стекннува акционерски капитал во „Жито Полог“ и ЗК „Пелагонија“, а со тоа и делумно сопствеништво во „Здравје Радово“.
Во овој контекст се наметнуваат оние традиционални прашања од типот: од каде му се парите на човек кој 10 години живеел од чиновничка плата и на неговиот релативно млад син да основаат и да откупуваат компании? Сепак, се чини дека поважно прашање овде е како и зошто Мијалков одлучил да се распространува во неколку големи компании, и тоа во време кога неговата политичка партија замина во опозиција, а тој и неговите сопартијци се обвинети од Специјалното јавно обвинителство во неколку предмети? Која е причината што тој со засилено темпо почна да „формира“ нови компании и да „откупува“ постоечки, кое веќе се вмрежени со неколку друштва?
Во политичките и бизнис кругови може да се слушне дека по политичките промени, дел од поранешните соработници и пријатели, кои, со помош на полугите на власта, ги контролираа сите бизнис процеси, ја расипале калимерата, па кога тие седнале да го поделат она што заедно го печалеле десетина години, настанале вообичаени недоразбирања кому колку му припаѓа. Во секој случај, развојот на настаните во споменатите фирми и бизнис-сектори ќе покаже како тие ги надминале проблемите. Воедно, во следниот период ќе стане дефинитивно јасно дали сегашната власт ќе замижи пред сите гревови на олигархијата што се ситуираше во изминативе 10 години, во која партиципираа и истакнати лица во поранешната власт.
НЕДОСТАПНИ ЗА КОМЕНТАР
До „Бест Веј Инместмент“ и „Софија Градба“ упативме неколку прашања, меѓу кои: под кои услови „Бест Веј Инвестмент“ стекна право врз трите бензиски пумпи и ресторани на „РТ Петрол“; како се случила последната промена на сопственичката структура на „Софија Градба“; зошто и по промената на сопствеништвото, „Софија Градба“ не ја менува адресата на седиштето и менаџерот; каде „Софија Градба“ има свој удел и акции, кои се главните проекти од областа на градежништвото на кои работела… До затворањето на овој број од весникот, не добивме никакви одговори.