Актерот Сашко Коцев се промени до непрепознатливост. Видно ослабнат, со запуштена коса и брада, тој го доловува ликот на самохраниот татко на малото момче Марко, во новиот филм на Вардан Тозија.
Фотографиите со новиот изглед на Коцев направени за време на снимањето на филмот ги сподели фотографот Александар Ристески. Се работи за фантастичната бајка ,,М” за осамено, осумгодишно момче во потрага по љубов низ мрачниот, дистописки свет на нашата блиска иднина. Длабоко во дивината, Марко останува без заштитата од единствениот човек кого го познава, својот суров и опсесивен татко.
Не знаејќи што е мајка, тој одлучува да ја најде својата самовила, која постои во неговата стара сликовница. Во потрагата низ пустошот наидува на уште едно изгубено дете, десетгодишниот Мико.
-Марко познава само еден човек освен себе си. Својот татко. Запуштен и ковчест, но силен четириесетгодишен маж, со строг поглед што продира низ лицето обраснато со брада. Силен и суров, заштитнички човек кој не сака многу да зборува. По неговото тело гледаме дузина стари лузни и модринки. Но, вистинските лузни се оние длабоко врежени во неговите сеќавања и тајна која е спремен да ја носи со себе до крајот – е описот на филмот од страна на продукцијата Фокус Покус.