Поранешниот претседател на Франција, Николас Саркози, утринава е уапсен и се наоѓа на распит во врска со обвинувањата дека примил милиони евра од режимот на Гадафи, во нелегалната изборна кампања од 2007 година.
Истрагата е најголемиот политички скандал во Франција на деценијата. Саркози во неколку наврати ги отфрли обвинувањата нарекувајќи ги гротескни.
Поранешен министер и близок соработник на Саркози, исто така бил испрашуван во полицијата, во врска со обвинувањата за донација од Либија.
Никола Саркози се сомничи за финансиски малверзации уште од 2012 година кога му заврши претседателскиот мандат, а со тоа беше симнат и имунитетот кој го штитеше додека беше претседател. Првичните сомнежи беа дека неговата кампања била нелегално финансирана од богатата наследничка на Лореал, Лилијен Бетанкур.
Бетанкур, една од најбогатите личности во Франција, уште тогаш беше осомничена дека незаконски ја финансирала партијата на Саркози. Со семејниот спор околу имотот на милијардерката во 2010 година, излезе на виделина дека Бетанкур донирала 50.000 евра во кеш за кампањата на Саркози, пари кои му ги дала на благајникот на партијата, а кои ја надминуваат дозволената сума од 4.600 евра за поединечна донација.
Сметководителката на Бетанкур, пак, изнесе обвинувања дека на овој начин можле да бидат донирани 150.000 евра, а под лупа беа и два „коверти“ од по 400.000 евра. Тогаш беше покрената истрага против единаесет лица, меѓу кои беше Патрис Местр, кој управувал со богатството на Бетанкур.
Сомнежите за криминал во финансирање на саркозиевата кампања добија нова димензија кога се појавија тврдења дека еден од донаторите бил и поранешниот либијски лидер, Моамер Гадафи. Францускиот портал „Медијапар“ во 2012 година објави документи според кој тогашниот режим на Гадафи донирал милиони евра за кампањата на Саркози. Според документот, Гадафи дал согласност за донација од 50 милиони евра.
Саркози потоа поднесе тужба против порталот и го обвини за фалсификат, но директорот возврати со контратужба. Францускиот суд, пак, утврди дека некои документи се автентични, овозможувајќи на тој начин да бидат употребени во истрагата.
Во прилог на овие обвинувања одеше и изјавата на синот на Гадафи, Саиф Ал Ислам, кој во едно интервју во 2011 година побара Саркози да ги врати парите кои ги прифатил од Либија.
Саркози веќе чека друго судење во врска со финансирање на неговата кампања од 2012 година, кога беше поразен од Франсоа Оланд.