Саргентини: Амандманот за азилот на Груевски е и притисок врз Унгарија

by fokus

Европратеничката од Зелените, Јудит Саргентини, и автор на најостриот амандман за азилот на Груевски во Унгарија во извештајот на Европскиот парламент за Македонија објаснува дека усвојувањето на амандманот ќе претставува официјален став на ЕП.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, според Јудит Саргентини било важно да се искористи приликата да се отвори оваа контроверзна тема во резолуцијата за Македонија за која ќе се дебатира вечерва.

– Политички сигнал е. Не мислам дека е само Парламентот, и Комисијата и земји членки се изненадени. Тоа што Унгарија го прави е мешање во судските работи на една земја која макотрпно се обидува да се подобри и да стане членка на ЕУ. И тоа не е конструктивно, вели Саргентини за МИА.

Запрашана зошто земјите членки и Европската комисија не реагираа поостро по одлуката на Унгарија да го заштити поранешниот македонски премиер од затворската казна, Саргентини објаснува дека тоа е постојан проблем во ЕУ.

-Може да се каже дека немало остри критики ниту во последните осум години кога станува збор за Унгарија. Тоа е големиот проблем, што земјите членки замижуваат додека Унгарија им ги одзема правата на сопствените граѓани. Ако земјите членки мижеа кога Унгарија им ги одземаше правата на сопствените граѓани, не е изненадување што гледаат настрана кога ова се случува.

Саргентини, која е и автор на извештајот на ЕП во кој се бара суспендирање на правото на глас на Унгарија во ЕУ поради прекршување на европските правила, поради што стана цел на силни кампањи на дискредитација во Унгарија ја поздравува храброста на нејзината институција.

-ЕП покажа карактер кога гласаше за мојот извештај и се надевам дека ќе покаже карактер и сега, затоа што Македонија има право на сопствените судски процеси. Ова сигнализирање на игри на моќ од страна на Унгарија е неевропско однесување, вели таа.

Околку можноста да се отвори дебата на комисиско ниво во ЕП и потоа на пленарна во јануари, како што сакаат социјалдемократите, Саргентини вели дека не е информирана, но дека секако нејзината група ќе размисли за поддршка на таква иницијатива.

Поврзани новости