Санела Шкриељ и Марија Кочовска ќе бидат нови пратенички на СДСМ во Собранието. Тие доаѓаат на местото на Славјанка Петровска, која сега е министерка за одбрана и на местото на Бисера Костадиновска Стојчевска, која е министерка за култура. Оваа одлука е донесена денеска на 43-та седница на Државната изборна комисија (ДИК).
Членовите на ДИК едногласно го донесоа Предлог-финасискиот план за распределба на средства во Државната изборна комисија за 2022 година. Потпретседателката на ДИК Дитмитре Шеху појасни дека како и секоја година, така и оваа ДИК ќе носи финансиски план врз основа на средствата што се доделени во буџетот на државата. Информира дека во финансискиот план се предвидени тековното работење на ДИК, платите на вработените, плаќање на електрична енергија, греење, комунални такси, поштенски услуги, горива…
На седницата беше разгледана и усвоена Предлог-одлуката за висината на благајничкиот максиум за 2022 година. Членот на ДИК Радица Ристеска образложи дека со оваа одлука се утврдува висината на благајничкиот максиум за 2022 година во износ од 300.000 денари, исто како и минатата година. Оваа одлука ќе се применува од 1 јануари 2022 година.
По кратката пауза од пет минути, на седницата едногласно беше усвоен предлогот на Борис Кондарко, кој предложи да се разгледа одлука која, како што рече, се однесува за примената на Правилникот по кој се исплатени надоместоците за време на изборен процес за вработените во стручната служба на ДИК. Целта на оваа одлука е да се допрецизира содржината, видот и опфатот на веќе исплатените надоместоци по Правилникот за локалните избори, односно појаснување за што се однесуваат надоместоците за стручната служба.