Вели дека минува низ голгота, откако неодамна на македонски портал била објавена скадалозна приказна со наслов „Имам секс со бившиот, сакам на неговата кучка да и се одмаздам што ми го зема“, а над приказната била објавена нејзина приватна фотографија.
Таа вели дека ниту има вистина во објавениот текст, ниту пак некогаш дала изјава или имала интервју со било кој од порталот каде истиот се објавил. Според неа, станувало збор за измислена приказна, но поради нејзината фотографија јавноста била намерно доведена во заблуда, по што започнала да добива пораки и повици од пријатели кои биле изненадени од објавата.
-Се работи за портал на чиј сопственик не може да му се влезе во трага. Нема импресум, нема имиња на новинари, уредник, лектор… Нема ниту адреса, ниту пак можност да се стапи во контакт со било кого од таму. Веќе се консултирав со адвокат, сакам да ги превземам сите законски мерки против лицата кои со овој измислен текст ми нанесоа огромна штета. Сакам да апелирам и до надлежните служби конечно да се стави ред во медиумите, бидејќи вака, секој може да си пишува што сака, да уништува нечиј углед, да прави штета, а да не сноси последици и одговорност за своите непромислени и незаконски постапки. Значи, некој бесправно заработува, при тоа прекршувајќи ги законите, новинарската етика, коректност – загрижена е Цинцева.
Таа вели дека не е единствената фолк пејачка која се нашла на мета на фантомскиот портал. И за нејзини колешки се пишувале измислени и навредливи текстови, се етикетирале и се плукало по нив.
-Во Македонија, неретко фолк пејачите се ставени на мета и се потценети. Но ако некому не му се допаѓа нашата музика, не мора да не слуша, и не значи дека има право да не етикетира како неморални личности. Со овој ужасен измислен текст над кој стои мојата фотографија, не е извршен напад само над мене, туку и над целата фолк естрада, во смисла, можеме да објавуваме секакви лаги за вас, вие сте само фолкери, пониска класа. Ако пееме фолк музика, дали тоа значи дека треба да бидеме распнати на столбот на срамот? Дали секој еден треба да лекува фрустрации плукајќи по нас? Добар дел од моите колешки се мајки, сопруги, нечии ќерки, сестри… Работат за да донесат парче леб, да спечалат чесно, а не да бидат напаѓани и навредувани – раскажува струмичанката.
Тврди дека не е единствената фолк пејачка која што на ваков начин била злоупотребена, но вели дека ќе ја бара правдата на суд, со цел никој во иднина да не си дозволи да си игра со нечиј углед, на сметка на читаност и заработка. Додава дека медиумите мора да ги почитуваат професионалните стандарди и не смеат да ги прекршуваат законите.
-Луѓето читаат лажни вести, а од каде би знаеле која вест е лажна, а која вистинита? Како да се заштитат од дезинформации? И кога веќе штетата е направена, кога лажната вест веќе се проширила, каков би бил ефектот од појаснување и објавување на вистината, барем во мојот случај? – прашува Цинцева.
Јавноста често реагира на непрофесионално известување во медиумите. Се повеќе се зголемувал бројот на пријавени случаи до Советот за етика на медиумите во Македонија за непрофесионално информирање, а советот усвоил и правилник кој содржел услови за прием на интернет портали за членство во СЕММ. Сепак, и покрај тоа, лажните вести се сеуште актуелни во голем број на портали.
Вики Клинчарова