Сања Цинцева ќе пее за жените во политиката: Ни фали една наша Колинда во Македонија!

by Fokus

Топлата и искрена женска насмевка отвора многу повеќе врати отколку цврстата машка рака – вели фолк пејачката Сања Цинцева, не криејќи го своето воодушевување од Колинда Грабар – Китаровиќ, хрватската претседателка, која деновиве е во центарот на вниманието на целиот свет, по емотивното бодрење на хрватските фудбалери за време на Мундијалот 2018.

Како што раскажува Цинцева, на жените треба да им се отстапи многу повеќе простор, како на политичката, така и на другите сцени во нашето општество. Вели дека посебно на Балканот, каде што се уште владее машкиот свет, се радува што има храбри и способни жени, кои со сите сили се борат за своето место под сонцето и успеваат да придонесат со своето влијание за една поубава иднина.

-Ја следам кариертата на госпоѓата Колинда уште од пред три години, кога стана претседателка на Хрватска. Денес, верувам дека веќе целиот свет знае за неа, и таа е најдобриот промотор што Хрватска го имала. Според мене, во овој машки свет, треба да им се отстапи место на жените, посебно во политиката. На времето, кога ја започнав мојата музичка кариера снимив песна за министрите. Денес, песна би им посветила на жените во политиката, кои иако се многу малку на број кај нас, за мене се најголемите херои – вели струмичанката.

Кога пред околу седум години ја промовираше песната за министрите и сними спот во еден министерски кабинет, за време на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ, многумина коментираа дека потегот е одличен маркетиншки трик со кој таа стана препознатливо лице на естрадата.

Набргу по промоцијата, Сања од релативно нова пејачка, стана една од најбараните во дијаспората и во локалите кај нас. Имаше турнеји во Швајцарија, Германија, Италија… Сними албум, спотови, и како што раскажува, од рана возраст започна да живее од својот труд.

-По сите искуства во животот, јасно ми е дека кај нас да се успее како жена е многу тешко. Секојдневно сме на мета на дискриминации, сопки, потценувања. За основни работи кои што на мажите по автоматизам им следуваат, ние жените, треба лавовски да се бориме. Затоа, наместо да се напаѓаме една со друга, треба да си бидеме поддршка. Не е лесно да се гради кариера и да се биде успешна, кога од жената се очекува на прво место да биде мајка, сопруга, домаќинка… Токму поради тоа им симнувам капа на нашите храбри политичарки и министерки, кои успеваат да балансираат во животот. И тврдам дека во Македонија ни фали една наша Колинда, жена, мајка, кралица, која ќе не води по правиот пат, со искрена емоција и мудрост, наместо со покажување на машка упорност, да не речам тврдоглавост – вели Цинцева.

Во изминативе неколку месеци таа направи мала пауза на музички план, но деновиве повторно се враќала на сцената. Снимила нова фотосесија, започнала со работа на нови материјали и веќе договорила турнеји надвор од земјава. Додава дека е свесна како секогаш како убава жена ќе биде мета на напади, и како поради професијата неретко е изложена на потсмев и навреди, но сепак верувала во себе.

-Кога една жена е независна, сама си го печали парчето леб и си ги плаќа сметките, а при тоа и се бори за своите права и за вистината, сосема е очекувано да има многу непријатели. Затоа, мојата наредна песна ќе ја посветам токму на таквите силни жени, помеѓу кои би ги издвоила Колинда, но и нашите Мила Царовска, Рената Десковска, Фросина Ременски и уште десетици други кои се трудат да ни донесат посветла иднина со својата женска мудрост и челични карактери – ни изјави Цинцева.

Вики Клинчарова

Поврзани новости