Уште едно атрактивно земјиште, кое беше поранешен плац на семејството Камчеви, а во меѓувреме заврши во рацете на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, се наоѓа во близина на болницата на кардиохирургот Жан Митрев, во кругот на Градската болница „8 септември“.
По третпат се актуелизира прашањето дали на таа локација ќе се исполни првично замислената идеја – изградба на нова болница со приземје и пет ката.
Според катастарската евиденција, се работи за катастарска парцела 1814/3, каде носител на сопственичкото право е компанијата „Сис Хоспитал“ (поранешна „Систина Фармација“) преку имотен лист 80591.
На оваа локација се предвидува изградба на објект со намена В2, со што се означува здравство и социјална заштита, односно тука влегуваат сите видoви клиники, амбуланти, клинички центри, болници, здравствени домови…
Имено, ваква маркица е вцртана во Деталниот урбанистички план донесен од страна на Советот на Општина Карпош пред речиси девет години, односно на 6 ноември, 2013 година, во време кога со оваа скопската општина управуваше актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски.
Само една година подоцна, односно во 2014 година, компанијата „Систина Фармација“, која, според документите од Централниот регистар е основана во 2010 година, ја купува парцелата од 11.207 метри квадратни кај старата Воена болница меѓу булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“.
Во тој период, како сопственик на фирмата се води „Систина Медикал“, додека како управител фигурира извесна Ѕвездана Димовска, чие име неколку години понатаму се провлекува низ лавиринтите на фирмата.
За ова земјиште се наддавале три компании, а најповолниот понудувач го добил по цена од 3.060 денари по метар квадратен, односно вкупната зделка чинела 557.616 евра.
Грдежната маркица за планираната градба означена со градежна парцела 5.3, освен за здравствени дејности, дозволува компатибилни класи за намена на хотелски комплекс, мали комерцијални и деловни дејности и за спорт и рекреација.
Одобрението било издадено после една година, но и по четири години градбата се уште не била почната, па оттука почнуваат и проблемите со надлежните институции, од причина што законскиот рок за почнување на градба е лимитиран на две години.
Во тој период, Министерството за транспорт и врски и скопската општина Карпош забрануваат да се гради, но Управниот суд ја поништува забраната поради нецелосна документација.
Според пресудите што ги обезбеди „Фокус“, тужителот „Сис Хоспитал“, која до 2018 година го носи називот „Систина Фармација“, преку полномошник Адвокатското друштво „Менкиноски“ поднесува тужба до Управниот суд против решението на министерството за забрана за градба од 12 февруари, 2021 година.
Документите уште покажуваат дека на седницата на Советот одржана на 10 јуни истата година се носи пресуда во корист на оваа фирма, која во меѓувреме преминала во сопственост на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.
„Тужителот ДТУ СИС Х.ДООЕЛ С., преку полномошник Адвокатско Друштво „М.“ С., изјавена против Решението на Министерство за транспорт и врски – С., со кое им е била одбиена како неоснована барањето за одобрението за градење УП1.бр.35-827 од 22.09.2015 година.
Судот најде дека со ургенција се обрати до тужениот орган за да ги достави списите на предметот од 25.03.2021 година, под УП2.бр.35- 18/2020 од 12.02.2021 од тужениот орган да достави комплетно списи кои се однесуваат на предметот, по кое тужениот орган не постапил, списите не ги доставил.
Судот ценејќи дека се исполнети условите од членот 29 став 3 од Законот за управните спорови да одлучува по предметот и без списи, најде дека: Тужбата на тужителот е основана“, се наведува во образложението од Управниот суд.
Ирена Мулачка
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.