Самсоненко се откажал од „Јане Сандански“, веднаш откако се извлече од стечај и продолжи да го гради хотелот на плоштад!

Половина година по прекинувањето на стечајната постапка за „СИС Инвест Груп“ и само 4 месеци откако судското решение станало правосилно, што му овозможи на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко да го догради „Офицерски дом“, тој склучува договор со МОК, со кој практично за само 50.000 евра се откажува од правото во следните 26 години да стопанисува со спортскиот комплекс, иако тоа донело годишни приходи од 325 илјади евра.

by Фокус

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко се откажал од спортскиот комплекс „Јане Сандански“ во корист на Македонскиот олимписки комитет, отстапувајќи го на период од 26 години за нецели 50 илјади евра, само половина година откако компанија на Самсоненко успева да се извлече од стечајна постапка и веднаш потоа да продолжи да го гради „Офицерски дом“ на скопскиот плоштад, што беше во неколкугодишен застој.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Обработувајќи ја темата за случувањата и работењето на Македонскиот олимписки комитет на чело со Даниел Димевски, кој успеа да се избори за втор последователен претседателски мандат иако голем број на спортски федерации и работници покренаа иницијатива за негова смена, обезбедивме обемна документација и бројни податоци поврзани со делувањето на МОК и Димевски, што е предмет на интерес и на повеќе надлежни органи, а предмет води Јавното обвинителство.

Како фирми поврзани со претседателот на МОК, Даниел Димевски, закупија локација под Кале со маркичка за спортски објект?

Меѓу другото, обелоденивме дека додека обвинителството го истражува делењето на спортски ваучери, закупот на дел од Кале и давањето на подзакуп на некои од објектите, Димевски непречено оперира со МОК, притоа зголемувајќи го буџетот од година во година, така што само лани изнесувал над 1,4 милиони евра. Згора на тоа, остварува дополнителни приходи преку стопанисување со салата „Јане Сандански“.

Димевски е под лупа на истражните органи, a МОК врти 1,5 милион евра годишно и влече екстра приходи од „Јане Сандански“!

Имено, МОК го зел под закуп спортскиот комплекс „Јане Сандански“ на период од 26 години за нецели 50 илјади евра, иако салата е проценета на 30 милиони евра, а стопанисувањето со неа за само една година му донел на Комитетот приходи од 325.000 евра?! Оттука јасно произлегува дека станува збор за одлична зделка за МОК, но тоа воедно го поставува прашањето зошто рускиот бизнисмен се откажал од „златна кокошка“ за багатела?

Поточно, Друштвото за спорт и рекреација „Јане Сандански“, во сопственост на Самсоненко на 08.01.2013 година склучило договор за јавно-приватно партнерство со Општина Аеродром, тогаш на чело со градоначалникот Ивица Коневски. Така, приватниот партнер го изградил спортскиот комплекс, со право со него да стопанисува 35 години.

Меѓутоа, Самсоненко го искористил ова право само нецели 10 години, бидејќи на 06.07.2021 година склучува договор за закуп со МОК. Според овој договор, со кој располага „Фокус“, се регулираат правата и обврските над деловите од комплексот дадени под закуп, како што се малата и големата спортска сала, деловен простор, паркинг-простор, како и дел од содржините околу паркингот.

Конкретно, просторот што се изнајмува е опфатен со геодетски елаборат за интерна физичка делба за внатрешен простор, од кој произлегува дека на закупецот ќе му бидат дадени под закуп 20.217 од 23.811 квадратни метри. Како што стои во договорот, закупот се склучува за период од 26,5 години, односно од 2021 до 2048 година, а вкупната закупнина изнесува 3 милиони денари, во што е пресметан и ДДВ.

Салата се стопанисува врз основа на Договор со предходниот стопанисувач, кој е партнер со Општина Аеродром – ни изјави Димевски, прв човек на МОК, кому овој комплекс му донел приходи од 20 милиони денари или 325 илјади евра само во една година (2022), како резултат на стопанисување со содржините во кои Комитетот вложувал и сопствени средства за изградба и реновирање.

Инаку, овој договор меѓу Димевски, поранешен претседател на Кошаркарската федерација и советник на спорт на експремиерот Зоран Заев, од една страна, и Самсоненко, од друга страна, е склучен неколку месеци откако компанија на рускиот бизнисмен и поранешен почесен конзул на Русија во земјава – „СИС Инвест Груп“, излезе од стечај и веднаш продолжи со изградба на „Офицерскиот дом“ на скопскиот плоштад.

„Фокус“ го истражуваше овој случај на средината на ланската 2023 година, кога објавивме дека на 18.02.2019 година е отворена е претстечајна постапка за „СИС Инвест Груп“, додека на 16.09.2019 година е отворена стечајна постапка. Оваа постапка трае повеќе од една година, или сè до 19.12.2020 година, кога прекинала по согласност на доверителите. Судското решение за затворање на стечајот, пак, станало правосилно на 18.02.2021 година.

Тоа значи дека половина година по прекинувањето на стечајната постапка на „СИС Инвест Груп“ и само 4 месеци откако судското решение станало правосилно, што му овозможи на Самсоненко да го догради атрактивниот објект во строгиот центар на главниот град, тој склучува договор со МОК, со кој практично за незначителни 50 илјади евра се откажува од правото да стопанисува со спортскиот комплекс во следниот 26 години.

(АРХИВА) Самсоненко не докажа „злосторничко здружение“, но ја извади „Сис Инвест“ од стечај за да го догради Офицерски дом – во игра влегла и бугарска фирма на Камчев!

Претходно, рускиот бизнисмен ги обвинуваше Ратко Капушевски и Миле Младеновски дека се дел од злосторничко здружување што сака да му го земе хотелот на скопскиот плоштад. Меѓутоа, Самсоненко ја загуби правната битка против некогашните соработници, бидејќи неговите кривични пријави беа отфрлени. Сепак, успеа да ја спаси фирмата од стечај и да продолжи со изградба на атрактивниот објект, што се одвива со засилена динамика.

Поврзани новости